Британскиот премиер Енди Бернам денеска изјави дека враќањето на Обединетото Кралство во Европската унија без нов референдум би било „незамисливо“.
Одговарајќи на прашање од пратеникот Бернард Џенкин – кој праша дали може недвосмислено да потврди дека Британија нема повторно да ѝ се приклучи на ЕУ без референдум – Бернам одговори дека такво сценарио би било незамисливо, пренесува британскиот весник „Телеграф“.
Обраќајќи им се на пратениците во Долниот дом, Бернам го опиша договорот за подобрување на односите со ЕУ – потпишан минатата недела во Брисел – како „историски момент“. Тој оцени дека тоа ќе помогне во намалувањето на трошоците за живот и ќе овозможи поефективен одговор на мигрантската криза, која вклучува преминување на Ламанш со мали чамци.
Договорот опфаќа соработка во областа на извозот на храна и земјоделски производи, тргувањето со емисии и програма за мобилност на младите. Оваа програма би им овозможила на 100.000 граѓани на ЕУ, на возраст од 18 до 31 година, да живеат, работат и студираат во Британија во период од три години.
Сепак, Брисел постави услов европските студенти да плаќаат исти школарани како и британските студенти, при што е одреден рок од шест месеци за постигнување договор – нагласувајќи дека ова е клучен услов за спроведување на договорот.
Бернам напомена дека во моментов не предлага повторување на референдумот, но додаде дека договорот треба да послужи како пресвртница кон поблиски односи со Брисел. Тој додаде дека следниот месец планира да претстави долгорочни можности за зајакнување на соработката, вклучително и опцијата Обединетото Кралство целосно повторно да ѝ се приклучи на ЕУ.
Според него, речиси три четвртини од британските граѓани сакаат поблиски односи со Европа, додека Брегзит имал негативно влијание врз економскиот раст, ги зголемил трошоците за живот и за водење бизнис, и им го отежнал извозот на британските компании на пазарот на ЕУ.
Обраќајќи им се на пратениците, Бернам исто така изнесе детали од договорот со ЕУ.
Тој најави воведување на Закон за европско партнерство, за кој тврди дека ќе помогне во намалувањето на трошоците за неделните набавки. Договорот предвидува поврзување на системот за тргување со емисии на Обединетото Кралство со европскиот систем за индустријата, како и интегрирање на пазарите на електрична енергија на Обединетото Кралство и Европската Унија.
Бурнам истакна дека е постигнат напредок во преговорите што се однесуваат на турнеите на музичари и уметници, посочувајќи дека Брегзит им го отежнал патувањето и настапувањето во европските земји.
Тој додаде дека владата, исто така, ќе преговара за поголема контрола врз националните граници.
„Договорот го отвора патот за заеднички активности меѓу Обединетото Кралство и Европската Унија во рамките на предложениот план“, заклучи Бурнам.
Британскиот премиер претходно изјави дека Обединетото Кралство треба да „изгради нови и поконструктивни односи“ со Европската Унија. Тој наведе дека при склучувањето на договорот биле поставени три клучни услови: да не се пречекорат „црвените линии“ утврдени во изборниот манифест од 2024 година, да се подобри постоечкиот договор за Брегзит и да се исполни таканаречениот „тест Мејкерфилд“ – што значи дека договорот мора опипливо да го подобри животот на граѓаните.
„Договорот постигнат во петокот ги исполнува сите три услови. Тој ќе донесе реални придобивки за Британија“, изјави Бурнам.
Обраќајќи им се на пратениците за првпат по објавувањето на договорот за нов почеток во односите со ЕУ, Бурнам го опиша петокот како „историски момент“.
„Постои јасен консензус – речиси три четвртини од граѓаните сакаат поблиски врски со Европа“, рече тој.
Бурнам оцени дека постоечкиот договор за Брегзит имал негативно влијание врз економскиот раст на Обединетото Кралство и дополнително ги заострил притисоците што произлегуваат од зголемените трошоци за живот и за водење бизнис.
„Договорот постигнат во петокот во Брисел нуди многу реална можност претстојната деценија да биде подобра за Британија од онаа низ која штотуку поминавме“, заклучи британскиот премиер.
Лидерката на Конзервативната партија, Кеми Бејденох, го критикуваше Бурнам, тврдејќи дека тој покажал „невообичаена неразумност“ во преговорите со ЕУ, отворено покажувајќи колку сака да постигне договор.
Бернам: Британија нема повторно да ѝ се приклучи на ЕУ без нов референдум, но економијата е суштинска

