Доцна синоќа во Скопје била спроведена полициска акција во рамки на истрага за сериозен финансиски криминал..
Припадници на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност извршиле претреси на повеќе локации и привеле повеќе лица.
Според неофицијалните информации, реализацијата на случајот била забрзана откако еден од главните осомничени се обидел да ја напушти државата. По ова, истражните органи веднаш презеле мерки и ја започнале акцијата.
Случајот, според информациите кои се објавени во повеќе медиуми, се однесува на сомневања за финансиски злоупотреби поврзани со наплата на надоместоци при регистрација на возила.
Се истражува дали преку лажирање извештаи и уплатници биле прикривани, а потоа и пренасочувани парични средства.
Во истрагата, неофицијално, се опфатени повеќе физички лица и правни субјекти, а дел од осомничените наводно се вработени и во државни претпријатија.
Првичните информации се дека штетата се проценува на повеќе од 13 милиони денари, односно над 210.000 евра.
Акцијата и утрово сè уште била во тек, а се очекува во текот на денот надлежните институции да соопштат повеќе детали за бројот на приведени, сомневањата за конкретните кривични дела и опфатот на истрагата.

