Фестивалот „Артерија“ денеска продолжува во „Лабораториум“ во Скопје со програма која ги поврзува литературата, издаваштвото, книжевниот превод и перформативните уметности.
Програмата започнува напладне со детската работилница „Посебни сме зашто сме различни“, инспирирана од сликовницата „Те сакам (безмалку) секогаш“ од Ана Љенас, а во 13 часот следува дебатата „Авторските права во светот на издаваштвото: создавање, преведување и заштита на книгите“. Учествуваат Хана Корнети, Елена Конеска-Светиева и Магдалена Лазаревска, а модераторка е Искра Димковска.
Вечерната програма започнува во 18 часот со промоција на сликовницата „Каде се крие Ведран“ од Ива Безиновиќ-Хејдон. Потоа следуваат три поетски промоции – „Како паѓаме јас и ти“ од Ненад Јолдески во 19 часот, „Во куќата“ од Николина Андова-Шопова во 20 часот и „Вардарска“ од Марија Грубор во 21 часот.
Фестивалската вечер ќе заврши со музичко-поетски перформанс во кој поезијата на Марија Грубор ќе биде споена со музиката на Филип Букршлиев, Андреа Мирческа и Никола Ивановски.

