Вршителката на должноста српска претседателка Ана Брнабиќ е незадоволна од составот на набљудувачката мисија на Европскиот парламент што ќе ги следи парламентарните избори во Србија в недела, а особено од нејзиниот прв човек, австрискиот европратеник Андреас Шидер.
Во писмо испратено до претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, Брнабиќ обвини неколку членови на мисијата, која треба да ја посети Србија од 22 до 26 октомври, за политичка пристрасност.
„Изборот на поединци кои континуирано изнесуваат изразито негативни ставови за властите во Србија, јавно повикуваа на нивна смена и изразија поддршка за други учесници на изборите, јасно укажува на тоа дека тие доаѓаат во Србија со веќе формирани заклучоци“, напиша Брнабиќ.
Според неа, досегашните јавни постапки на неколку членови на мисијата ја покажуваат нивната целосна политичка пристрасност, што е во „спротивност на сите меѓународни документи, вклучително и кодексите и упатствата на Европската Унија“.
Брнабиќ е особено нзадоволна од именувањето на Шидер за шеф на мисијата, посочувајќи дека тој како набљудувач на претходните избори во Србија во декември 2023 година, во неколку наврати отворено го прекршил Кодексот на однесување на меѓународните набљудувачи на избори, изработен врз основа на Декларацијата за принципи за меѓународно набљудување на избори.

