Македонија ја брои шестата жртва од западнонилската треска. Почина 72-годишен пациент кој 15 дена бил хоспитализиран со тешка клиничка слика на Клиниката за инфективни болести.
И покрај сите преземени интензивни мерки во одделот за интензивно лекување, во вчерашните попладневни часови настапи летален исход, изјави директорот на Инфективната клиника Фадил Цана.
Според најновите информации од Инфективната клиника, досега се хоспитализирани 57 пациенти од кои 27 се излекувани, а во моментот се лекуваат 18 пациенти.
До граѓаните се апелира да преземат превентивни мерки како користење на средства против комарци, комарници на прозорците, чистење на застоената вода која се смета за жариште на комарците и да не се престојува на отворено во периодот од 18 до 19 часот кога комарците се најактивни.
Досега, надлежните неколкупати прскаа против комарци, а во одредени скопски општини каде имаше најголем број заболени е прогласена епидемија.
Вчера, Министерството за здравство промовираше и интерактивна мапа на која има информации за регистрираните случаи, ризичните точки и активностите за сузбивање на комарците.

