Британските бизниси мора итно да ја зајакнат својата одбрана од кибер напади, или би можеле да се соочат со сериозни оперативни нарушувања – вклучително и недостиг на храна во супермаркетите – предупреди денес Националниот центар за кибер безбедност (NCSC).
NCSC, дел од британската разузнавачка агенција GCHQ, во својот годишен извештај наведува дека вештачката интелигенција „помага во индустријализацијата на кибер нападите“ и е многу веројатно дека ќе се користи во напади врз критичната национална инфраструктура на Велика Британија до 2028 година, објави Sky News.
Извршниот директор на NCSC, Ричард Хорн, предупреди дека во наредните месеци се очекува невиден пораст на кибер инциденти.
Тој истакна дека вештачката интелигенција не мора да создава нови методи на напад; напротив, таа овозможува постојните ранливости да се откријат побрзо и да се искористат во многу поголем обем.
Во денешниот говор, Хорн ќе предупреди дека Велика Британија со децении ги занемарувала инвестициите во технологијата и дека сега е потребна итна акција.
Според него, компаниите би можеле да бидат принудени да објаснат зошто не реагирале на предупредувањата доколку се случат настани како што се недостиг на храна, прекини на електрична енергија или колапс на бизниси. Тимот за управување со инциденти на NCSC добил 1.831 извештај за сајбер напади оваа година, од кои 80 биле класифицирани како инциденти од национално значење.
Извештајот ја идентификува Кина како „најсофистициран и најпостојан сајбер предизвик“ за Велика Британија, предупредувајќи дека Пекинг користи напредни сајбер можности за собирање податоци на големо, шпионажа и прекин на услугите.
NCSC проценува дека до 2028 година, Кина, Русија и други држави најверојатно рутински ќе користат вештачка интелигенција за да ги унапредат своите геополитички цели.
Британскиот министер за безбедност, Ден Џарвис, изјави дека сајбер заканите стануваат сè пософистицирани и дека владата ја користи вештачката интелигенција за да им се спротивстави – особено преку Националниот сајбер штит и Центарот за извонредност за сајбер безбедност базирана на вештачка интелигенција.
Извештајот, исто така, ги истакнува ризиците поврзани со поврзувањето на застарената оперативна технологија со интернет.
Низ цела Европа, системите за контрола на ладење во супермаркетите повторно беа цел на хакери.

