Филмот „Непознатата жена“ на данската режисерка Меј ел-Тухи го освои „Златниот лав“ за најдобар филм на 83. Филмски фестивал во Венеција, додека американскиот актер Џон Малкович го доби „Купот Волпи“ за најдобар актер за улогата на ексцентричен агент на ЦИА во филмот „Дивиот коњ девет“ (Wild Horse Nine).
Малкович, кој не присуствуваше на церемонијата поради снимање на друг проект во Монтреал, му се заблагодари на жирито преку видео-порака.
Големата награда на жирито му припадна на филмот „Можна љубов“ (Possible Love) на јужнокорејскиот режисер Ли Чанг-донг, додека „Сребрениот лав“ за најдобар режисер му беше доделен на Илја Хржановски за филмот „DAU“, објави синоќа магазинот Variety.
Специјалната награда на жирито му беше доделена на документарниот филм „Наза“ (Naza) – кој се занимава со конфликтот во Газа – на израелските режисери Јувал Абрахам и Рејчел Шор, познати по филмот „Нема друга земја“ (No Other Land).
Наградата за најдобро сценарио ја добија Стефан Бризе, Корали Амадео и Оливие Горс за филмот „Добар мал војник“ (Good Little Soldier), додека „Купот Волпи“ за најдобра актерка ѝ беше доделен на Матилде Арсел за „Непознатата жена“.
Наградата „Марчело Мастројани“ за најдобар млад актер му припадна на Мало Кебизи за филмот „15/18 (Место за исцелување)“, додека наградата на публиката „Armani Beauty“ ја освои филмот „Јас сум важна“ (I Am Important) на романската режисерка Алина Шербан. Наградата „Луиџи Де Лаурентис“ за најдобар дебитантски филм му припадна на филмот House of Wind (Куќа на ветрот) на режисерот Огист Бернар Куемо Јангху.
За време на церемонијата беше оддадена почит на британскиот продуцент Џереми Томас – добитник на Оскар за најдобар филм за Последниот император – кој почина во петокот на 77-годишна возраст.
Со натпреварувачкото жири претседаваше американската актерка и режисерка Меги Џиленхол, а меѓу членовите беа режисерите Каутер Бен Ханија, Џони То и Шахрбану Садат, францускиот режисер и сценарист Ксавие Џаноли, композиторот Даниел Блумберг и италијанскиот филмски теоретичар Франческо Касети.
Венеција: „Златен лав“ за „Непознатата жена“, Малкович ја освои наградата за најдобар актер

