Американскиот специјален пратеник за Украина, Стив Виткоф претпладнево пристигна во Санкт Петербург на средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Според американски извори, Виткоф на Путин ќе му го претстави планот за следните чекори за постигнување договор за прекин на војната, кои се усогласени меѓу САД, Украина и ЕУ. Еден од предлозите во планот предвидува и заедничка средба на претседателите на САД, Русија и Украина, Доналд Трамп, Владимир Путин и Володимр Зеленски.
Засега не е познато дали Путин ќе се согласи на ваква трилатерална средба, имајќи предвид дека досега тој секогаш одбиваше такви предлози. Путин во една прилика наведе можност за таква средба, но под услов таа да се одржи во Москва, идеја што не сака да ја прифати Зеленски.
Дополнително, наредните чекори во мировните преговори ќе зависат и од односот на Трамп кон Украина, кој во моментов е на принципот „топло-ладно“. Се добива впечаток дека Трамп дефинитивно ја губи трпеливоста кон Украина, а пред се кон Зеленски, кон кого минатата недела упати остри критики.
Во целата ситуација изненадувачко е однесувањето на европските лидери, кои остануваат воздржани и за разлика од претходно, не стапуваат во контакт со Трамп. Тоа можеби се должи на внатрешните проблеми со кои тие се соочуваат, пред се францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, но Европа сепак мора да се обиде повторно да ги усогласи ставовите со САД.
Инаку, во пресрет на пристигнувањето на Виткоф во Русија, гувернерот на Ленинградската област, Александар Дрозденко соопшти дека руските сили собориле три дрона во овој регион на чија територија се наоѓа и Санкт Петербург.

