Околу 200 учесници и 80 волонтери се дел од второто издание на планинската трка „Голак Треилс“, која денеска ќе се одржи на планината Голак и во Делчево.
Учесниците ќе можат да изберат меѓу две трки – „Голак Треилс“ на 13 километри и „Калчовица“ на 33 километри. Предвидена е и детска трка во градскиот парк, со која организаторите сакаат кај најмладите да ја поттикнат љубовта кон спортот и здравиот начин на живот.
Првата трка ќе стартува во 8 часот, додека втората во 9 часот. Организаторите ги повикаа граѓаните на Делчево и посетителите од регионот да бидат дел од настанот и да ги поддржат натпреварувачите.
По завршувањето на трките, предвидена е и забавна програма. По 13 часот настап ќе има рок-бендот „The HаoS“, а во текот на целиот настан атмосферата ќе биде дополнета со диџеј-програма.
Организаторите очекуваат второто издание на „Голак Треилс“ да биде уште еден успешен пример дека Делчево има потенцијал за организирање големи спортски и рекреативни настани и дека планината Голак може да биде привлечна дестинација за љубителите на планинското трчање и активниот туризам.

