Германската авторка Лена Шете, годинашна добитничка на престижната награда „Ингеборг Бахман“ доаѓа во Скопје по повод преводот на нејзиниот роман „Црните дланки на татко ми“, кој во следниве денови ќе биде достапен во издание на „Илика“.
Вечерва во кафе-барот „Лабораториум“ со почеток во 19 часот ќе се одржи разговор со неа низ кој ќе говори за нејзиното специфично писмо кое е проткаено истовремено и од личната биографија и од имагинацијата, а кое длабоко задира во секојдневието на едно сиромашно семејство во германската провинција. Алкохолизам, преработеност, насилство и срам: Шете храбро ги адресира темите кои доминираат во одредено социјално милје, а често се третираат како табу, но истовремено и ја раскажува и приказната за едно растргнато семејство кое сепак се бори за поддршка, љубов и заедништво.
Утре од 11 до 14 часот исто така во „Лабораториум“, под водство на Шете ќе се одржи и работилница за автофикција. Покрај тоа што завршила „Книжевно пишување“ на Германскиот институт за литература во Лајпциг, таа е и долгогодишна менторка на работилници за креативно пишување, често истражувајќи ги потенцијалите на автофикцијата.

