Германскиот стартап „Исар Аероспек“ соопшти дека наскоро ќе ги прошири лансирањата на сателити, откако неговата ракета „Спектрум“ беше лансирана во орбитата за прв пат од космодром во Норвешка, што претставува пресвртница во европските напори за обезбедување независен пристап до вселената.
Беспилотната ракета „Спектрум“ стана првата комерцијална ракета што стигна во орбитата од континентална Европа, што е пробив за регион каде што неколку земји се борат за место на брзорастечкиот пазар за лансирање сателити. „Капацитетот за лансирање во моментов е најголемото тесно грло во целата индустрија“, изјави за новинарите Даниел Мецлер, коосновач и извршен директор на „Исаро“.
„Исар“ е приватна компанија и сè уште е добро финансирана, рече Мецлер, додавајќи дека излегувањето на берза во моментов „не е опција“. Германскиот канцелар Фридрих Мерц го поздрави лансирањето во соопштение нарекувајќи го „почеток на нова ера“.
Мерц го посети местото за лансирање на ракетата Изар во март и ги истакна напорите на Европа за воспоставување поголема автономија додека глобалниот поредок, некогаш предводен од САД, се менува под водство на американскиот претседател Доналд Трамп.
Лансирањето се случи од норвешкиот космодром Андоја, а Спектрум носеше пет мали сателити и технолошки експеримент, рече Исар. Ракетата е дизајнирана за растечкиот пазар на мал и среден товар. „Независниот пристап на Европа до вселената штотуку доби голем поттик“, напиша комесарот на ЕУ за одбрана и вселена, Андриус Кубилиус, на социјалните мрежи X.
Тоа беше второ лансирање на „Исар“, 18 месеци откако првата ракета на компанијата се урна во морето и експлодираше во огнен спектакл кратко по полетувањето од истата локација. Никој не беше повреден.
Исар произведува уште пет ракети
„Исар“ соопшти дека во моментов произведува уште пет ракети и сега е фокусиран на зголемување на бројот на лансирања за да се задоволи растечката побарувачка, со долгорочна цел да се извршат околу 40 лансирања годишно. „Исар“ минатата недела соопшти дека обезбедил околу 200 милиони евра од Европската вселенска агенција за финансирање на развој на нови ракети и проширување на својата инфраструктура за тестирање и лансирање.
Глобалните играчи на пазарот за лансирање сателити се американскиот „СпејсИкс“ на Елон Маск и француската „АријанГруп“, заедничко вложување помеѓу „Ербас“ и „Сафран“, кое користи космодром во Француска Гвајана во Јужна Америка.
Шведска со својата лансирна рампа Есранџ и Велика Британија со својот космодром Саксаворд на шкотските Шетландски Острови се најблиските соперници на норвешката лансирна рампа и сите сакаат да ѝ обезбедат на Европа поголема автономија во вселенските летови.

