Германците се малку помалку задоволни од својот живот денес отколку што беа во претходните години. Според новото издание на таканаречениот Атлас на среќата, просечната оценка за задоволство од сопствениот живот се намалила за 0,09 поени, на рамни седум.
Опсегот на скалата е од нула, за целосно незадоволство, до 10, за целосно задоволство од животот. Повисоките трошоци за живот и економската неизвесност, особено кај младите луѓе и семејствата, придонесоа за падот на оценката.
Малото зголемување на уделот на незадоволни луѓе, од осум на девет проценти, имаше помало влијание врз просекот отколку значителното намалување на уделот на многу задоволни луѓе, од 48 на 44 проценти.
Ова значи дека Германците генерално не се помалку среќни, туку дека чувството на задоволство се поместило кон средината.
„Сè повеќе германски граѓани се донекаде задоволни од животот“, рече директорот за истражување на Атласот на среќата, Бернд Рафелхушен од Универзитетот во Фрајбург.
Авторите наведуваат дека нема причина за загриженост, бидејќи новото ниво на задоволство од животот на Германците сега е приближно исто како што беше пред една деценија.
Основата за пресметката се 12 бранови анкети на репрезентативен примерок спроведени од Институтот за демоскопија Аленсбах помеѓу јули 2025 година и јуни оваа година. Анкетирани се вкупно 12.461 германски граѓани.

