Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на социјалните мрежи објави дека е потпишан договорот за набавка на 3.300 нови контејнери за потребите на Градот Скопје.
„Новите контејнери значат почисти населби, помалку отпад на улиците, навремено празнење и подобри услови за работа на екипите на ЈП „Комунална хигиена“. Само за споредба, во изминатите 12 години биле набавени околу 1.300 контејнери – бројка недоволна за потребите на цело Скопје. Последиците од таквата негрижа сите ги гледавме – преполни и оштетени контејнери, отпад околу нив и нарушена слика на градот. Но, ние ја менуваме таа реалност, наведе Ѓорѓиевски во објавата.
Тој вели дека контејнерите се набавени за двојно пониска цена од претходните години.
„Она што е важно да се нагласи е дека контејнерите што претходно се набавувале од моите претходници, биле по цена од повеќе од 18.000 денари по парче, а ние денес ги набавуваме за 9.600 денари – речиси двојно поевтино, и тоа во услови на глобално зголемени цени“, посочува Ѓорѓиевски.

