Граѓански здруженија за заштита на природата бараат Министерството за животна средина и Владата итно да постапат во процесот на повторно прогласување на Националниот парк Маврово.
Велат дека повеќе од две децении по донесувањето на Законот за заштита на природата, сеуште не е завршен процесот на повторно прогласување на Националниот парк Маврово.
Паркот функционира во правна неизвесност, без законски задолжителен план за управување, велат граѓанските здруженија.
Денеска на прес-конференција тие ќе ги претстават клучните правни и институционални пропусти во процесот на повторно прогласување на Националниот парк Маврово; барањето до Министерството да го преземе директниот надзор и да го забрза процесот на повторно прогласување, барањето за итен мораториум на нови и тековни активности кои можат да го загрозат природното наследство на паркот до конечното законско уредување, како и следните чекори на граѓанските организации доколку надлежните институции продолжат со непостапување.
Заштитата на Националниот парк Маврово не може повеќе да биде одложувана. Институциите мора да ја преземат својата законска одговорност, порачуваат граѓанските здруженија.

