Силната бура наречена „Аргос“ денеска влегува во својата најопасна фаза, поради што е издаден црвен метеоаларм за неколку региони во Грција, вклучително и за пошироката област на Атина.
Бурата веќе предизвика поплави, одрони и материјална штета на десетици домови и деловни објекти во западниот дел на земјата. Фокусот на врнежите сега се преместува кон источните и јужните делови на Грција, пренесува порталот „Прототема“.
Црвен метеоаларм е прогласен за регионите Атика, Тесалија, источна Централна Грција, Евија и делови од Пелопонез. Се очекува ветерот во Егејското Море да достигне брзина што одговара на 10 степени според Бофортовата скала.
Метеоролозите предупредуваат дека во регионот на Атика, количината на дожд што се очекува помеѓу 13:00 и 19:00 часот би можела да биде еднаква на просечната вкупна количина за целиот месец ноември.
Од саботата навечер, жителите во пет области добиваа итни предупредувања преку системот 112, додека во четири региони се воведени вонредни мерки, вклучително и прекин на работата на отворено.
Силен дожд почна да паѓа во Атина синоќа, што доведе до собирање вода на одредени патишта и привремен прекин на сообраќајот во крајбрежното предградие Вула.
Во меѓувреме, бурата „Аргос“ донесе и снег во северниот дел на земјата, при што градот Лерин (Флорина) и областа околу Костур (Касторија) побелеа.

