Мислам дека би било многу неодговорно и лекомислено да отидам на состанокот во Брисел, а да не бидам доволно подготвен, изјави претседателот на Собранието на Србиај и в.д. шеф на српската држава, Александар Чупиќ, во врска со неговата одлука на присуствува на претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел.
„Ова се многу важни меѓународни теми. Дојдов на оваа позиција во четврток и како да заминам веднаш в среда без никакви сериозни подготовки“, изјави синоќа Чупиќ за РТС.
Тој објасни дека од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта добил покана во петокот за учество на Самитот, но му се заблагодарил на поканата и ја одбил со образложение дека има парламентарни обврски.
„Тој целосно го разбра и тоа и се согласи дека во овој момент, кога не сме ги завршиле ниту тие пет точки на дневниот ред, би било неодговорно јас да одам на тој состанок“, додаде Чупиќ.
Чупиќ не прецизираше дали некој друг ќе ја претставува Србија на самитот, посочувајќи дека Владата е во технички мандат и дека во овој момент фокусот мора да биде на внатрешните прашања.
Тој нагласи дека прави разлика помеѓу овластувањата и улогите на избраниот претседател на Републиката и вршителот на должноста претседател.
„Јас сум вршител на должноста претседател, јас не сум претседател. Во нашата земја, во последните 10 години сме навикнати вршителите на должноста претседатели да се однесуваат како да имаат целосен мандат. Морам да го покажам тоа преку личен пример. Технички ќе го покријам тој период до изборот на новиот претседател на Републиката“, нагласи Чупиќ.
Зборувајќи за првите чекори на новиот парламент, Чупиќ најави конституирање на парламентарни комисии и парламентарни делегации, по што претстојат измени во Законот за министерствата.
„Законот за министерства ќе мора да се промени, да се намали бројот на министерства. Мислам дека постои реална потреба. Сега имаме 25 министерства, пет министри без ресор, плус премиер. Тоа е ирационално, непотребно“, оцени Чупиќ.
Чупиќ повтори и дека ќе ги распише претседателските избори во следните неколку дена и тие ќе се одржат на 27 декември.
„Во следните неколку дена, тие мора да бидат распишани до 26-ти. Денес е 22-ри. Значи, тие ќе бидат распишани многу наскоро“, рече Чупиќ.

