Европската комисија официјално ги започна преговорите со земјите од Западниот Балкан за укинување на таксите за роаминг и нивно приклучување кон режимот „Роаминг како дома“, потврди портпаролот на ЕК за технолошка сувереност Тома Рение.
Според него, засега не може да се зборува за рокови, бидејќи сè ќе зависи од тоа колку брзо земјите ќе можат да постигнат договор со операторите и да се усогласат со европските регулативи, но целта е овие преговори да се завршат што е можно поскоро.
„Кога станува збор за следните чекори, тие имплицираат дека нашите партнери од Западниот Балкан ги адаптираат своите регулативи и ги усогласуваат со регулативите на Европската Унија“, вели Рејниер, додавајќи дека прашањето не е само техничко, туку и политичко.
Тој појаснува дека придобивките за граѓаните ќе бидат исти за сите откако ќе бидат вклучени, но билатералните преговори ќе бидат специфични за секоја земја. Во моментов, сите земји се повеќе или помалку во иста позиција.
„Затоа штотуку ги отворивме овие преговори. Ќе работиме на тоа секој од нив да напредува што е можно побрзо“, рече Рение.
Тој потенцира дека ова е ситуација во која сите добиваат, бидејќи и граѓаните од Европската Унија и од земјите од Западен Балкан ќе можат да патуваат и да користат роаминг без дополнителни трошоци за повици, СМС-пораки или интернет.

