Грција ги продолжи вонредните субвенции за горивото за греење, дизелот и безоловниот бензин до 15 ноември, поради високите цени на нафтата, соопшти грчката државна телевизија ЕРТ.
Износот на субвенциите во првата половина на ноември останува ист како во втората половина на октомври. За горивото за греење поддршката изнесува 20 евроценти за литар, за дизелот 15 евроценти, а за бензинот А95 – 10 евроценти.
Дополнително, нафтените компании продолжуваат да обезбедуваат попуст од 20 центи за литар гориво за греење и пет центи за литар дизел.
Со комбинирањето на државните субвенции и попустите од компаниите, вкупното намалување на цената за потрошувачите достигнува 40 центи за литар гориво за греење, 20 центи за дизел и 10 центи за бензин.
Продолжувањето на мерката за првата половина на ноември ќе ја чини грчката држава околу 35 милиони евра.
Досегашните државни интервенции за поддршка на населението достигнале 1,44 милијарди евра. Од нив, 897 милиони евра биле наменети за вонредни мерки поради зголемените цени на енергенсите, а 541 милион евра за постојани мерки за поддршка на доходите, меѓу кои додатоци за пензионерите и поврат на едномесечна кирија годишно за домаќинствата што ги исполнуваат условите.

