Смртоносниот напад во саботата врз меѓународниот аеродром „Крал Халид“ во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, од страна на шиитските бунтовници Хути од соседен Јемен претставува опасност од ескалација на конфликтот на Бликсиот Исток
По овој најсмртоносен напад врз Саудиска Арабија во последните повеќе од 10 години, во кој загинаа најмалку 12 лица, од кои осум странци, а 309 беа ранети, Саудијците веќе најавија дека ќе возвратат со „жесток одговор“ на ова, како што го нарекоа, „воено злосторство“.
Но, прашањето е колку жестоко ќе одговори Саудиска Арабија и можеби уште поважно, дали американскиот претседател Доналд Трамп исто така ќе се вклучи во тоа, особено ако се има предвид дека еден од убиените при нападот е Американец.
Дали состојбата може дополнително да ескалира?
Хутите од 2014 година водат војна против меѓународно признатата јеменска Владата и под своја контрола ги држат северните и западните региони на Јемен, вклучително и главниот град Сана. Во граѓанската војна Хутите се поддржани од Иран, додека Саудиска Арабија, заедно со коалиција од осум арапски земји, е страната на јеменската Влада.

По релативно мирниот период што следеше по постигнувањето на прекинот на огнот во 2019 година меѓу Хутите и јеменските владини сили, насилството во Јемен одново ескалираше по почетокот на американско-израелските напади врз Иран во февруари годинава. Хутите минатиот месец презедоа контролата врз целиот јеменски брег на Црвеното Море и успеаја да ја зацврстат својата позиција кај стратешкиот теснец Баб ел-Мандеб, низ кој минува трасата од Индискиот Океан до Суецкиот Канал, што по морски пат ја поврзува Азија со Европа.
Саудиска Арабија веќе редовно врши бомбардирања врз цели на Хутите во Јемен, но во последно време Хутите возвраќаат сè пожестоко со напади врз нивните северни соседи. Уште пред саботното ракетирање и во средата и во четвртокот Хутите извршија напади врз аеродромот во Ријад, при што загинаа тројца Саудијци, меѓу кои и еден пилот, како и еден државјанин на Судан.
Во средата, под оган се најде и аеродромот во Абха, на југозапад, при што загинаа еден Египќанец и еден Алжирец.
„Несомнено можеме да зборуваме за ескалација на конфликтот“, вели Мишел Дон Михалолиакос, аналитичар во Хашкиот институт за геополитика.
Тој истакнува дека во последните месеци Хутите освоија значителна територија во Јемен долж Црвеното Море, но во исто време и јеменската влада, поддржана од Саудиска Арабија, се обидува да ја поврати контролата врз оваа област.
Дон Михалолиакос посочува дека зачестеноста на меѓусебните напади е значително зголемена, а нагло расте и бројот на жртви предизвикани од Хутите.

„Хутите во последно време покажаа толку голема дрскост што сè поагресивно бараат конфронтација со Саудијците. Тие поседуваат значителни воени капацитети и одредено сопствено индустриско производство, но секако имаат и поддршка од Иран“, вели Дон Михалолиакос.
Наспроти нив стои воената суперсила Саудиска Арабија. Земјата годишно троши повеќе од 80 милијарди долари за националната одбрана, односно 6,5 отсто од својот БДП. Тоа ја вбројува меѓу десетте земји во светот што најмногу трошат за одбрана. Покрај тоа, таа ужива поддршка од воени сили како што се Пакистан, Турција, САД и Велика Британија.
Дон Михалолиакос очекува Саудиска Арабија сега да започне голем контранапад., имајќа предвид дека и самите Саудијци најавувија „решителен контранапад“. Сепак, според него, Саудијците нема веднаш да испратат копнени трупи, но ќе ги интензивираат воздушните напади, посоувајќи дека тие веќе неуспешно се обидоа да ги поразат Хутите во 2015 и 2022 година.
Во меѓувреме, Хутите продолжуваат да ѝ нанесуваат тешки удари на саудиската економија преку бомбардирање на нафтената инфраструктура и аеродромите.
Што ќе направат САД?
Имајќи предвид дека меѓу жртвите на ракетниот напад врз аеродромот во Ријад има и еден американски државјанин, се поставува прашањето дали САД можени пожестоко ќе интервенираат во конфликтот против Хутите?
Дон Михалолиакос смета дека е малку веројатно американскиот претседател Доналд Трамп да сака да се вклучи во уште една војна во овој момент. Ова особено што, само неколку часа пред нападот врз Ријад, Трамп истакна дека Саудиска Арабија може сама да се справи со ситуацијата, дека може да се брани и дека не ѝ се потребни САД.

„Подоцна слушнавме како Трамп вели дека сепак размислува за интервенција, можеби преку прецизни воздушни напади. Но, поради претстојните избори за Конгресот, не верувам дека Америка ќе прибегне кон распоредување копнени трупи“, вели Дон Михалолиакос.
Тој сепак проценува дека случувањата од последниве неколку дена укажуваат дека состојбата на Блискиот Исток ескалира во голем регионален конфликт.
„Мислам дека всушност веќе сме среде таков конфликт. Хутите се сојузници на Иран, но не нужно и негови прокси. Значи, сепак постои разлика меѓу она што го прави Иран и она што го прават Хутите“, забележува Дон Михалолиакос.
Во исто време, тој нагласува дека Хутите се фокусираат исклучиво на Саудиска Арабија, а потсетува и дека претходно постигнаа договор со САД.
„Токму затоа сметам дека Америка не сака да биде вовлечена во оваа војна во овој момент“, додава Дон Михалолиакос.
Сепак, според аналитичарот, Иран е задоволен од оваа дополнителна компликација на сосотјбата, бидејќи тоа врши дополнителен притисок врз глобалниот пазар на енергенси, што претставува главно економско оружје на режимот во Техеран.

