Принцот Хари и Меган Маркл го осудија, како што го нарекоа, „неодговорното нарушување на приватноста“, откако двајца мажи биле забележани во близина на училиштето во кое одат нивните деца, принцот Арчи и принцезата Лилибет. Тие носеле ранци, додека се движеле околу училиштето и гледале кон училишниот двор, пишува Би-би-си.
Подоцна полицијата утврдила дека еден од нив е меѓународен фоторепортер.
Мажите прво биле забележани од обезбедувањето и од вработени во училиштето во понеделникот наутро. Според „Би-би-си“ тие застанувале на различни места околу училиштето, а потоа се вратиле во комбе. Полицијата подоцна утврдила дека станува збор за изнајмено возило.
Портпаролот на Хари и Меган го опиша однесувањето како „неприфатливо нарушување на приватноста на децата“.
„Постои огромна разлика помеѓу легитимна медиумска активност и фотографи кои се движат околу училиште, застануваат за да гледаат во дворот и ги набљудуваат децата додека ги извршуваат секојдневните активности“, изјавил портпаролот.
Тој додал дека однесувањето било „неодговорно и непромислено“, без оглед на тоа какви фотографии се обидувале да направат.
Арчи и Лилибет во септември започнале да одат на училиште во Велика Британија. Сепак, по само неколку дена било одлучено да го сменат училиштето поради безбедносни проблеми поврзани со сообраќајот во периодите кога децата ги носеле и враќале од училиште.
Хари, Меган и нивните деца се вратија во Велика Британија минатиот месец, по шест години живот во Калифорнија.
Во август беше објавено дека семејството ќе се пресели во Велика Британија, а како нивна нова база се споменува приватен имот во Котсволдс.
Нивното враќање повторно ги отвори прашањата за нивната полициска заштита во Велика Британија, која се финансира од јавни средства. Безбедноста на семејството со години е една од главните теми за кои Хари зборува во јавноста.
На почетокот на овој месец беше објавено дека безбедносните мерки за Сасексите ќе бидат повторно разгледани по нивното враќање во земјата.
Комисијата Равек, која го проценува нивото на безбедност за членовите на кралското семејство и други важни личности, ќе ги разгледа ризиците со кои се соочува семејството во новиот дом.
Ќе се земат предвид и нивните редовни движења, вклучително и патувањата до училиштето на нивните деца.

