Две лица загинаа, а шест се повредени во украински напад со беспилотни летала врз Московскиот регион во текот на ноќта, при што избувнаа пожари во две станбени згради и во еден магацински комплекс, соопшти денеска гувернерот на регионот, Андреј Воробјов.
Во објава на платформата „Икс“ (X), Воробјов наведе дека Московскиот регион бил цел на масовен украински напад со беспилотни летала, при што биле соборени 249 летала, пренесува „Интерфакс“.
„Во текот на ноќта, Московскиот регион беше изложен на масовен напад со беспилотни летала. Во периодот меѓу 3:00 и 5:00 часот наутро, силите за противвоздушна одбрана и системите за електронско војување соборија и неутрализираа 249 беспилотни летала во 17 окрузи“, изјави Воробјов.
Во местото Софијино, беспилотно летало удри во трикатна станбена зграда, при што загина една жена, а повредени беа тројца возрасни и две деца.
Во округот Орехово-Зујево, еден маж загина во приватна куќа што се запалила како последица на нападот, а уште едно лице е повредено во округот Ленински.
Во Котелники, беспилотно летало удри во станбена зграда, предизвикувајќи пожар што зафати станови на три ката.
„Оштетени се приватни куќи во Раменское, Коломна и Јегориевск, додека пожари избувнаа во станбени згради во Ленински, Љуберци и Литкарино“, наведе Воробјов. Во Истра беа оштетени една станбена и една деловна зграда, а штета е пријавена и во Воскресенск.
Пожар избувна на покривот на зграда од 21 кат во округот Раменское како последица на украинскиот напад, што доведе до евакуација на 400 луѓе – меѓу кои 70 деца – додека во нападот беа оштетени 20 автомобили.
Гувернерот на Московскиот регион соопшти дека нападот сè уште трае.
Две лица загинаа, шест се повредени во украински напад со беспилотни летала врз Московскиот регион

