На денешен ден, 16 октомври, се навршуваат 19 години од трагичната смрт на Тоше Проески, еден од најголемите македонски музички уметници, чиј глас, песни и хуманост оставија неизбришлива трага на балканската музичка сцена. И речиси две децении по неговото заминување, Тоше останува симбол на љубовта, добрината и музиката што ги надминува границите.
Тодор „Тоше“ Проески е роден на 25 јануари 1981 година во Прилеп. Музичкиот пат го започнал во 1997 година, кога победил на прилепскиот фестивал „Мелфест“ со изведбата на песната „Yesterday“ од британската група „Битлси“.
Пошироката публика го запознала преку песните „Пушти ме“ и „Остани до крај“, а неговата кариера доживеа подем по настапот на Скопскиот фестивал во 1999 година со песната „Твоите бакнежи на моите бели кошули“. Со својот моќен вокал, препознатливата интерпретација и непосредноста, Проески брзо се наметнал како една од најголемите ѕвезди во регионот.
Во текот на кариерата соработувал со бројни познати музичари, композитори и текстописци од Македонија и од странство, меѓу кои Григор Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ и други. Неговите песни допираа до публиката на различни јазици, а популарноста ја надмина домашната музичка сцена.
Но, Тоше не беше препознатлив само по музиката. Во 2004 година беше прогласен за амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ, со што дополнително се истакна неговата посветеност на хуманитарната работа и помошта за децата. Неговиот поздрав „Ве сакам сите“ стана повеќе од препознатлива фраза – остана порака што го одразуваше неговиот однос кон луѓето.
На 16 октомври 2007 година, Проески загина во тешка сообраќајна несреќа во близина на Нова Градишка, во Хрватска, на само 26-годишна возраст. Веста за неговата смрт ја потресе Македонија и регионот, а денот на неговиот погреб, 17 октомври, беше прогласен за Ден на национална жалост.
По смртта, Тоше беше прогласен за заслужен граѓанин на Македонија, но неговото најголемо наследство останаа песните што и денес се слушаат, пеат и пренесуваат од генерација на генерација. Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата
Деветнаесет години подоцна, споменот на Тоше Проески продолжува да живее преку неговата музика и хуманост. Неговото име останува едно од најпрепознатливите во македонската култура, а неговата порака за љубов и добрина продолжува да ги обединува луѓето ширум Балканот.

