Неодамна, на Факултетот за драмски уметности-Скопје, се одржа промоцијата на книгата „ДЕВЕТ КОМЕДИИ“ од Русомир Богдановски. Книгата опфаќа девет комедии пишувани во периодот од 1968 до 2025 година, вклучително со досега необјавената и сеуште неизведена, најнова пиеса „НЕ ПЛАЧИ, ЛЕНКЕ“.
Книгата ја промовираа театрологот и професор, д-р Деспина Ангеловска, а извадоци од комедиите читаа студентите од IV година по актерска игра на Факултетот за драмски уметности- Скопје, од класата на професорот м-р Ангелчо Илиевски. Како специјален гостин, на студентите им се придружи познатиот македонски актер и комичар, Благој Чоревски.
Богдановски е наш реномиран драмски автор и професор по драматургија и сценарио во пензија, а на прашањето што прво се раѓа во неговите авторски одаи, приказната или карактерите, тој го издвои дејствието како мајка на секое негово дело, оти како што рече тој „важни се и ликовите, но тие сепак осцилираат околу приказната и своите карактерни особини ги темелат врз база на сторијата“ .
Инспирацијата Богдановски ја црпи од фантастичните народни приказни и легенди, проткајувајќи ги со една иронија, која на извесен начин ќе не’ потсети на богатството на жанровскиот дух. Неговото мото е – „Зошто да измислуваме туѓи приказни кога дома имаме големо раскажувачко наследство“ Неговото драмско нистражување има широк спектар на драматуршки разновидности кои се движат од творечко инспирирање од традицијата до одреден постмодернистички ракопис со што е податлив како автор на најразновидни театарски размисли и поставки
Во книгата „9 Комедии“ , како што вели авторот на првиот дел од неговото сумирано авторско творештво, поместени се девет комедии, меѓу кои: “На заборавениот остров” (1968), “Фарса за храбриот Науме” (1968/1969); “Двоумението на Панургиј” (1969); “Чудото на свети Ѓорѓи” (1971/1979); “Патенталија и Тентелина” (1983); “Ништо без Трифолио” (1986); детските драмски текстови “Чудовиштата во нашиот град“ (1990) и “Рекламна бајка“ (1989), како и до сега необјавената и не поставена на театарските штици, најновата негова пиеса „Не плачи, Ленке“ (2025).
Илустрацијата на насловната корица е на неговата внука Дуња, а пак фотографијата на задниот дел од корицата е авторско дело на неговиот син. На сликата се гледа првата машина за пишување, којашто се уште ја има, а ја купил од паричната награда што ја добил на конкурсот за драмски текст што далечната 1970та ја распишал Македонскиот народен театар, кога тој бил во втора година на студии и конкурирал со комедијата „Фарса за храбриот Науме“.
Авторот Русомир Богдановски со оваа книга не го заокружува својот комедиографски пат, тој подготвува и второ продолжение на „Девет комедии“,во кое ќе бидат поместени и останатите негови дела.

