До крајот на годината не се очекува ревидирање на стапката на раст и промени во буџетскиот дефицит. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека состојбите се следат и дека буџетскиот дефицит, растот на БДП и задолжувањата ќе се одвиваат во согласност со проектираното во Ребалансот на Буџетот.
– До крајот на годината не очекуваме позначајни промени и остануваме на проекцијата што ја имавме особено имајќи предвид дека стапката на раст во вториот квартал е 4,3 проценти. Владата во изминатите две години многу посветено и напорно работеше на економијата и мислам дека сето тоа сега дава на некој начин резулати. И во однос на буџетскиот дефицит тоа што ни е проектирано, тоа ќе остане, без оглед на тоа дали ние ќе правиме ребаланс или нема да правиме ребаланс. Доколку се одлучиме и правиме ребаланс на буџетот во истовреме ќе работиме на кратење и на приходна и на расходна страна. Доколку останеме на истата состојба како сега повторно кажувам дека дефицитот нема да оди надвор од предвидено, во истовреме и задолжувањето бидејќи и тоа е дел од Ребалансот, којшто поминал во Собрание и тоа да кажеме се некои рамки во коишто Министерството за финансии мора да се движи, истакна министерката за финансии во интервју за Македонската телевизија во Њујорк.
Потенцира дека будно се следат состојбите и дека се реагира согласно случувањата на глобално ниво.
Министерката која во Њујорк учествуваше на работната сесија „Поттикнување на растот во новата економија“, организирана во рамки на „Состаноците за влијанието врз одржливиот развој 2026“ (Sustainable Development Impact Meetings 2026) на Светскиот економски форум, посочи дека мерките што се преземени како одговор на кризата се соодветни и дека имаат влијание на Буџетот.
.

