Повеќе од две децении државната управа се соочувала со фрагментација, преклопени надлежности и институции што трошеле јавни пари без јасна одговорност, а новиот закон треба да воспостави ред во нивното функционирање, порача денеска министерот за јавна администрација Горан Минчев на денешната стручна дискусија во Скопје за Нацрт-законот за организација и работа на органите на државната управа.
„Граѓаните и стопанството со години беа туркани во лавиринти од преклопени надлежности, каде што секој орган креваше раменици, а никој не ја преземаше одговорноста за лошите резултати“, рече Минчев.
Тој појасни дека реформата не се сведува на намалување на бројот на институции, туку на воспоставување јасни правила за нивното основање, надлежностите, ресурсите и одговорноста.
Според него, секој предлог за формирање нов орган ќе треба да биде образложен со јасна функција и причини зошто задачите не можат да се извршуваат во постојната организациска поставеност.
Минчев нагласи дека политичкото раководство треба да ги утврдува политиките и стратешките насоки, додека администрацијата мора да работи професионално и врз основа на закон, посочувајќи дека е потребна „државна управа што не зависи од волјата на поединци, туку работи според јасни и стабилни правила“.
Нацрт-законот е објавен на ЕНЕР за 30-дневни консултации, а за негово донесување ќе биде потребно двотретинско мнозинство во Собранието.

