Меѓународниот кривичен суд (МКС) и неговите претставници се добитници на Наградата за слобода на мислата „Сахаров“ за 2026 година, што ја доделува Европскиот парламент.
Оваа награда претставува највисоко признание на ЕУ за работа во областа на заштитата на човековите права.
„Европската Унија се заснована на почитување на мултилатерализмот и меѓународните институции. Со доделувањето на наградата Сахаров на Меѓународниот кривичен суд и неговиот персонал, Европскиот парламент ја признава важната работа на Судот во почитувањето на меѓународното право и правдата“, изјави претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола ори објавувањето на овогодишниот лауреат на „Сахаров“.
Судот со седиште во Хаг, кој води постапки за воени злосторства, геноцид и злосторства против човештвото, се соочува со санкции од САД кои се закануваат сериозно да го попречат неговото функционирање.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги најави овие мерки на почетокот на октомври, само неколку часа откако Нобеловата награда за мир ѝ беше доделена на поранешната судијка во овој Суд, Нави Пилај. Таа раководеше со тимот што го подготви извештајот на ОН во кој се заклучува дека Израел извршил геноцид во Газа.
МКС беше номиниран за наградата „Сахаров“ од Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), со надеж дека тоа ќе придонесе за обезбедување политичка поддршка за Судот.

Француската европратеничка од редовите на СД, Клои Ридел, која беше иницијатор на номинацијата, доделувањето на наградата на МКС го нарече „историска“ одлука.
„Ова е порака на надеж и отпор упатена до Доналд Трамп. Ќе стоиме зад МКС онолку долго колку што е потребно“, изјави Ридел.
Од друга страна, холандскиот европратеник од редовите на Европската народна партија (ЕПП), Дирк Готинк оцени дека наградата нема да го „спаси“ Судот, но сепак, според него, дпделувањето на „Сахаров“ претставува јасен сигнал дека Европскиот парламент ја поддржува оваа институција и му придава важност на меѓународното право.
„Искрено се надевам дека ова… ќе му овозможи на МКС да продолжи да функционира и покрај овој напад без преседан од страна на американската Администрација“, изјави Готинк.
Инаку, покрај МКС во конкуренција на наградата „Сахаров“ беа и танзанискиот опозициски лидер Тунду Лису, кој е во затвор под обвинение за велепредавство, и иранските сестри Таранех и Ромина Рахими, кои се затворени по антивладините протести во јануари.
Церемонијата на доделување на наградата „Сахаров“, со која оди и чек на 50.000 евра, ќе се одржи на 16 декември во Стразбур.
Наградата за слобода на мислата „Сахаров“ се доделува од 1988 година и таа го носи името по советскиот физичар и политички дисидент Андреј Сахаров. Неа Европскиот парламент ја доделува секоја година на поединци или организации како признание за нивната работа во заштита на човековите права и основните слободи, особено слободата на изразување, заштитата на правата на малцинствата, почитувањето на меѓународното право, развојот на демократијата и одбраната на владеењето на правото.

