Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, изјави во саботата дека укинувањето на санкциите за рускиот дизел му помага на Кремљ во неговата војна против Украина, откако Вашингтон и Москва објавија дека постигнале договор за извоз на руско гориво.
„Суспензијата на санкциите за рускиот дизел ѝ обезбедува на Москва дополнителни приходи за војување. Сега не е време да се намали притисокот врз Русија и Европа нема да го стори тоа“, напиша Калас на социјалните мрежи.
Трамп во петокот изјави дека Русија се согласила да ги снабдува светските пазари со дизел во обид да ги намали цените на горивата. Тој рече дека неговата администрација привремено ги укинала санкциите на САД за руското гориво, воведени за да се спречат приходите на Москва за нејзината војна во Украина.
Според соопштението од Кремљ, рускиот претседател Владимир Путин изјавил дека неговата земја е подготвена да испраќа нафта и нафтени производи на американскиот и светскиот пазар и оценил дека тоа ќе и помогне на глобалната економија како целина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја осуди одлуката истата вечер како „срамна“ и „слаба“, нагласувајќи дека тоа ќе ѝ овозможи на Москва да продолжи да ја финансира својата инвазија на Украина.
Германија претходно во саботата објави дека ќе ги задржи санкциите против Русија поради нејзината војна во Украина, и покрај најавата на Трамп.
„Федералната влада ја зеде предвид одлуката на Соединетите Американски Држави во врска со испораките на руски дизел“, изјави портпаролот на владата Стефан Корнелиус.
Но, тој нагласи дека ставот на Германија останува јасен: „Федералната влада стои зад својата одлука за санкции против Русија и работи со европските партнери за понатамошни санкции“.
Цените на дизелот, кој се користи во земјоделството, греењето на домовите и превозот на товар, се искачија на речиси рекордни нивоа, што претставува ризик за републиканците на Трамп пред изборите за Конгресот на 3 ноември, кога ќе одлучат дали да ја задржат строгата контрола врз Конгресот.

