По пет години проверки и анализи на прибраната документација, Основното јавно обвинитество за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) оцени дека нема основа за гонење за злоупотреба на службената положба, ниту за друго кривично дело кое се гони по службена должност во врска со изградбата на 19-те модуларни болиници за време на ковид кризата.
Истрагата ја започна обвинителката Вилма Русковска во 2021 година по пожарот во модулрната болница во Тетово, кога загинаа 14 лица. Тогаш Обвинителството посочи дека ќе ја провери документацијата за набавката и изградбата на сите болници.
Обвинителката Верица Бержецка денеска соопшти дека е анализирана обемна и сложена документација за предметот, но не се уствредни дејствија на злоупотреби, ниту е оштетен буџетот.
Според Обвинителството, во периодот од април до јуни 2020 година биле спроведени три постапки за обезбедување дополнителни капацитети на здравствениот систем за справување со пандемијата од Ковид-19. Набавките се однесувале на монтажни контејнери кај Клиниката за инфективни болести во Скопје, немедицинска опрема за Регионалниот ковид-центар и формирање монтажно-модуларен амбулантско-поликлинички оддел за потребите на Клиниката за пулмологија и алергологија.
Предмет на анализа била и постапката за набавка на модуларни монтажни контејнери во рамките на Проектот за итно справување со Ковид-19, финансиран со заем од Светска банка. Утврдено е дека постапката била спроведена согласно правилата на меѓународната финансиска институција, со барање понуди преку меѓународен пазар. Бирото за јавни набавки потврдило дека во ваков случај не се применуваат одредбите од Законот за јавните набавки, согласно законскиот исклучок за набавки спроведени според правила на меѓународна организација.
„Оттука, надлежниот јавен обвинител оцени дека нема основи на сомнение дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност, поради што нема место за натамошно јавнообвинителско постапување по предметот“, информира Обвинителството.
Роднините на загинатите во пожарот во тетовската модуларна болница за случајот бараа одговорност и од поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.

