Западнонилската треска се шири, нова прес-конференција на здравствените власти
Сподели
Сподели
Се зголемува бројот на заболени од западнонилска треска. Здравствените власти евидентираат вкупно 42 заболени откако беа потврдени четири нови случаи.
Сите се на возраст над 65 годишна возраст, но она што е ново е дека двајца од новозаболените се од Центар и по еден случај има од Кисела Вода и од Студеничани.
На Инфективната клиника хоспитализирани се тројца нови граѓани. Таму се лекуваат вкупно 22 лица од кои петмина повозрасни се во тешка состојба и на апарати за дишење.
Министерот за здравство Сашо Клековски за денеска најави нова прес-конференција, а од политичката партија Левица ќе одржат прес-конференција пред бараките на Град Скопје за реакцијата на градот во однос на ова заболување.
Со реакција вчера се јави и опозициската СДСМ која оцени дека ексалирањето на кризата со вирусот е директна последица на импровизаторското и неспособно менаџирање од страна на власта на ВМРО.
Кој ја менаџира кризата со проблемот тука во Скопје? Излегува градоначалникот, се прскало волку пати, толку пати. Зошто има толку пациенти ако се прскало? Се проверил ли ефектот од прскањето? Се таргетирале ли добро жариштата на комарци? Било ли тоа навремено? Ги предупредиле ли матичните лекари?По кој протокол и да работат да препознаваат рани симптоми, праша лидерот на СДСМ Венко Филипче.
Досега, од вирусот починаа четири лица. Епидемија е прогласена во неколку скопски општини. Во Скопје вчера и за денеска треба да се реализира авионско прскање против комарци, а од 23 до 26 овој месец треба да се реализира прскање од земја.
На граѓаните им се препорачува да не оставаат застоена вода во дворовите, да ставаат комарници на прозорците и да не престојуваат на отворено во зори и самрак кога комарците се најактивни.