Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека го смета рускиот претседател Владимир Путин за убиец и непријател на Украина, откако американскиот претседател Доналд Трамп го нарече пријател.
„Се разбира, на Трамп останува да одлучи како ќе го нарече Путин… За нас, тој е непријател и, природно, тој е убиец. И верувам дека за поголемиот дел од луѓето во светот, тој е исто така убиец – бидејќи убива. Тој убива секој ден, дење и ноќе“, рече Зеленски во интервју за Си-Ен-Ен (CNN), коментирајќи ја изјавата на Трамп дадена за време на средбата со Путин, во која тој го нарече пријател.
Зеленски изјави дека Украина е подготвена на тешки компромиси за да постигне прекин на огнот, но напомена дека Путин продолжува да поставува нови барања пред Киев.
Зеленски тврди дека руските сили оваа година не успеале да постигнат никаков успех на бојното поле; следствено, тие прибегнале кон „убивање цивили и изведување масовни напади врз нашата инфраструктура – критичната инфраструктура, вклучувајќи мостови, железнички станици, училишта, цркви и сè друго“.
Зеленски понатаму тврди дека целта на Путин е целосно уништување на Украина.
„Соединетите Држави се веројатно најмоќниот посредник што би можеле да го имаме, бидејќи не гледам дека Путин би го послушал некој друг“, забележа Зеленски.
Тој посочи дека, иако Путин можеби би бил подготвен да ги слуша САД и Кина, Киев не гледа никакви знаци дека Пекинг е подготвен да се приклучи на мировниот процес.
Зеленски: За Украина, Путин е непријател и убиец

