Изминативе месеци во Србија почнаа да пристигнуваат се поголем број на Руси, а првите последици од тоа веќе се чувствуваат на пазарот на недвижности во Белград и Нови Сад, каде кириите од крајот на јули се зголемија за помеѓу 20 и 30 проценти.
„Пазарот за изнајмување станови во Белград повторно се загрева, а Русите кои бараат недвижности овие денови би можеле да се соочат со значително поголема конкуренција отколку пред само неколку месеци“, пишува независниот руски информативен портал „Медуза“.
Новиот бран на Руси во Србија уследи по гласините во Русија што се појавија летово дека по изборите за Државната дума, што се одржаа минатиот викенд, ќе следи нова мобилизација во руската Армија. Гласините не запреа и покрај изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека во моментов нема потреба од нова мобилизација.
Така, агентите кои работат со руски клиенти бележат нагло зголемување на барањата за домови, а повторно се формираат листи на чекање за некои станови.
Агенти за недвижности од Србија за „Медуза“ изјавиле дека побарувачката за станови од страна на руски државјани почнала да расте кон крајот на јули, од кога почнале да добиваат и по неколку барања дневно од Руси за разгледување на станови за долгорочно изнајмување.
Во Нови Сад становите се издаваат практично веднаш штом се огласат
Андреј, руски државјанин кој работи како агент за недвижности во Нови Сад од 2022 година, изјавил дека пред јули му се случувало и по цела недела да не добие ниту едно ново барање за разгледување на стан.
Цените во Нови Сад засега се движат помеѓу 400 и 700 евра, што е помалку отколку за време на големиот бран во 2022 година по стартот на руската инвазија врз Украина, кога истите станови се издаваа за 800 до 1.000 евра.

Но, овој пат проблем е што е многу потешко да се најде стан за изнајмување. Според Андреј, сега се јавуваат повеќемина заинтересирани Руси за изнајмување на ист стан, без оглед на неговата состојба. Некои се подготвени да понудат и повеќе од цената што сопственикот првично ја побарал само за да го обезбедат станот.
Во текот на пролетта потенцијалните станари можеле да разгледаат по неколку станови, да ги споредат понудите и да размислат пред да одлучат. Некои огласи за изнајмување биле активни и по цел месец, а сега становите се издаваат практично веднаш штом се огласат.
Агентот тврди дека бројот на луѓе што бараат стан во моментов е значително поголем од достапната понуда. Се случува една група да го напушти станот додека друга веќе влегува за разгледување, а нови заинтересирани страни чекаат пред зградата.
Некои агенти, според Андреј, веќе размислуваат за зголемување на своите провизии поради ова.
Во Белград ситуацијата уште подраматична: Русите „се тепаат за стан“
Слична слика за „Медуза“ опишува Пјотр, агент за недвижности од Белград. Тој вели дека поголем број Руси пристигнуваат во Србија од втората половина на август и дека не видел таква ситуација на пазарот од 2022 година.
На некои разгледувања, тврди тој, веќе има пет или шест лица кои чекаат пред потенцијален закупец.

Ова целосно го менува однесувањето на купувачите, односно закупците. Некои луѓе што влегуваат во станот за да го разгледаат кога ќе ја видат редицата зад нив, веднаш оставаат депозит за да не „им избега“ домот.
Новиот бран на пристигнувања на Русите се совпадна со септември, кога традиционално студентите од Србија доаѓаат во Белград и бараат станови. Значи, домашните студенти и новите странски закупци сега се натпреваруваат за истиот ограничен фонд на недвижности.
Според проценката на Пјотр, кириите во Белград се зголемиле за околу 20 до 30 проценти од крајот на јули, додека становите во центарот на градот сега се издаваат под наем за приближно 600 до 1.000 евра месечно.
Новиот „руски бран“ е поразличен од оној од 2022 година
Интересно е и тоа што агентите забележуваат голема разлика помеѓу луѓето што доаѓаат сега и Русите што масовно пристигнуваа Србија и другите земји во текот на 2022 година.

Во тоа време, меѓу новодојденците имало многу вработени што работеле „од дома“, особено од ИТ секторот, кои честопати имале загарантиран работа, одреден буџет и релативно јасен план за тоа каде ќе живеат.
Сега, некои луѓе доаѓаат многу побрзо и со голема неизвесност. Во новиот бран Руси има самци, но и цели семејства, претежно на возраст под 45 години, кои често доаѓаат без обезбедена работа или сместување. Агентите дури добиваат барања од луѓе кои сè уште не ја напуштиле Русија, но однапред проверуваат колку ќе ги чини стан ако одлучат да се преселат.
Агент од Нови Сад верува дека понатамошниот развој на состојбите на пазарот на недвижности ќе зависи од настаните во Русија.
Доколку не се случи ништо драматично, тој проценува дека некои од новите мигранти би можеле да се вратат до крајот на оваа или почетокот на следната година. Доколку новиот бран продолжи, домашните станари би можеле да ги чувствуваат последиците од тоа многу подолго.
За разлика од првиот бран во 2022 година, кога најголемо внимание беше насочено кон драматичното зголемување на кириите, сега првиот проблем не цената – за да изнајмите добар стан во Белград или Нови Сад мора да бидете побрзи од неколкуте други заинтересирани станари.

