Апелацискиот суд во Северна Ирска по долга правна битка реши да им дозволи на организаторите на протестантскиот „марш на портокаловите“ да минат низ северирскиот католички град Портадаун.
Целиот случај започна со барањето на организаторите, „Портокаловиот ред“, маршот, со кој се одбележува годишнината од победата на протестантот Вилијам Орански над католичкиот крал Џејмс Втори во Битката кај Бојн во 1690 година, оваа година да мине низ Портадаун, каде живеат ирски католици.
Комисијата за паради, првично, дозволи парадата да минува низ Портадаун, но Високиот суд на Северна Ирска ја поништи дозволата по жалба на група локлани жители. Судот оцени дека поради „долготрајниот спор (маршот) носи ризик од ескалација на ситуацијата низ цела Северна Ирска“.
„Портокаловиот ред“ ја обжали пресудата пред Апелациониот суд кој времено ја укина забраната, дозволувајќи парадата да се одржи денеска.
Со ова на голема радост на протестантските унионисти, а на гнев на католичките републиканци, првпат по 30 години маршот повторно доби дозвола да помине низ Портадаун.
Во знак на протест против поворката, стотици луѓе се собраа на улицата низ која треба да минат „портокаловите“ во обид да го спречат маршот. На демонстрантите им се приклучи и првата министерка на Северна Ирска, Мишел О’Нил од католичката националистичка партија Шин Фејн.
О’Нил ја критикуваше одлуката на Апелацискиот суд, оценувајќи дека „пресудата го доведува во прашање целиот мировен процес“ во Северна Ирска.

„Која е поентата ако одредени луѓе не им придаваат никаква вредност на правата? Ако сакаат да поништат 28 години напредок? Можам да ви кажам што сакаме да постигнеме. Сакаме да се движиме кон иднината. Сакаме да градиме мир и напредок. Нема да дозволиме некои луѓе да нè катапултираат 28 години назад во времето“, порача О’Нил.
Иако членовите на „Портокаловиот ред“ требаше да тргнат со парадата во 8 часот утрово, тие го одложја стартот и сè уште се наоѓаат во местото Дамкри, каде што чекаат довола од полицијата за да го започнат маршот.
Но, реакции предизвика и придружувањето на О’Нил на протестот. Неколку северноирски политички партии оценија дека ваквиот потег на првата министерка е неприфатлив, оценувајќи дека таа „фрла масло на огнот“.
Се огласи и британскиот министер за Северна Ирска, Крис Брајант, кој најави дека се упатил кон покраината.
„Би ги советувал луѓето од двете страни да соработуваат со полицијата“, рече Брајант пред поаѓањето кон Северна Ирска.
На смиреност повика и британскиот премиер Енди Бернам.

„Проблемите“ и Договорот од Велики петок
Периодот на „проблемите“ траеше од 1968 до 1998 година, за време на конфликтот меѓу протестантско мнозинство, кое се залага „Унија“ на Северма Ирска со Велика Британија, и католичкото малцинство, од кои повеќето сакаат обединување на покраината со Република Ирска, во кој загинаа меѓу 3.500 и 3.700 луѓе.
Еден од најтрагичните инциденти се случи на т.н. „Крвава недела“ во јануари 1972 година, кога британските војници убија 14 невооружени учесници на демонстрации во градот Дери.
Истата година, Привремената ИРА, дисидентска група од католичката Ирска републиканска армија (ИРА), изврши околу 1.300 бомбашки напади, убивајќи најмалку 100 припадници на британските безбедносни служби.
На 10 април 1998 година, двете страни го потпишаа Договорот од Велики петок со кој официјално заврши конфликтот во Северна Ирска. Централно место во Договорот е клаузулата во која се наведува дека управувањето и иднината на Северна Ирска се во рацете на народот.
Оттогаш, републиканците и унионистите ја делат власта во Владата и Парламентот во Белфаст. Со документот Лондон и Даблин добија советодавна улога, а паравоените групи на двете страни офиицјално се расформираа.
Согласно Договорот, Северна Ирска останува дел од Обединетото Кралство сè додека мнозинството од населението не реши поинаку.

