Иран во неделата нагласи дека само дипломатијата може да го реши конфликтот со САД и Израел, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го отфрнува иранскиот предлог за повторно отворање на Ормутскиот теснец и прекин на конфликтот.
„Нашите услови се јасни и секој чекор кон повторно отворање на Ормутскиот теснец зависи од исполнувањето на овие услови“, објави иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, на социјалните мрежи. „Само договорено решение може да ги извлече од овој ќорсокак“.
Порано оваа недела, Иран објави мировен предлог на Генералното собрание на ОН во Њујорк, велејќи дека тој им бил доставен на Американците преку катарски посредници. Во саботата, Трамп изјави дека го отфрла планот и тврдеше дека очајот ги тера Иранците да бараат договор за клучниот морски премин.
„Тие сакаат веднаш да постигнат договор за отворање на Ормутскиот теснец бидејќи трпат големи загуби“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.
И покрај јавните изјави на Трамп, медијаторите што ги олеснуваат преговорите меѓу САД и Иран официјално не го пренесоа отфрлањето на планот од страна на САД, според Арагчи.
„Чекаме медијаторите да ни ги пренесат своите конечни ставови и врз основа на нив ќе донесеме одлука“, најави Арагчи.
Економски притисок и посредништво на САД
САД воведоа економска блокада врз Иран за да извршат притисок врз Техеран да ги запре нападите врз бродовите во Ормутскиот теснец. Нападите драстично го намалија поморскиот сообраќај низ областа, и покрај постојаните тврдења на Трамп дека САД го контролираат преминот.
„Волстрит џурнал“ прв објави дека Трамп го отфрлил иранскиот предлог, повикувајќи се на неименувани американски претставници. Се вели дека Трамп приватно изразил сомнеж дека Иран ќе ги исполни неговите барања и дека им рекол на помошниците дека смета оти е веројатно продолжување на кампањата за бомбардирање по среднорочните избори во САД во ноември.
Американски функционер претходно изјави дека разговорите со Иран преку посредник биле „позитивни и конструктивни“.
Конфликтот ги наруши испораките на нафта и ѝ наштети на глобалната економија.
Иранците, исто така, им се обратија на своите саудиски ривали во врска со Ормутскиот теснец, истакнувајќи ги влоговите од седуммесечниот конфликт што го наруши протокот на нафта низ клучната бродска линија и негативно влијаеше врз глобалната економија.
Арагчи им изјави на новинарите во Обединетите нации во петокот дека предложениот договор ќе започне седумдневно одбројување за повторно отворање на теснецот и ќе стави крај на борбите во регионот. „Доколку постои сериозна намера од страна на американската страна да се постигне договор и повторно да се отвори Ормутскиот теснец, сега сè е подготвено“, рече Арагчи. Доколку САД се согласат, завојуваните страни би можеле да започнат пошироки преговори „за прашања за кои постои меѓусебна согласност“.
Нуклеарната програма останува тема на спор.
Ова потенцијално би можело да вклучува дискусии за нуклеарната програма на Иран. Трамп изјави дека Техеран никогаш не смее да се здобие со нуклеарна бомба, додека висок ирански функционер изјави за Ројтерс дека Иран нема да покаже флексибилност во врска со својата нуклеарна програма, дури и ако САД го прифатат нивниот мировен договор.
Иран нема да се согласи на никакви отстапки поврзани со неговите права, вклучително и збогатување на ураниум или извоз на високо збогатен ураниум од земјата, рече функционерот.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во интервју за емисијата „Face the Nation“ на Си-Би-Ес изјави дека Техеран е подготвен да преговара за својата нуклеарна програма и други прашања, но дека нема да прифати „злоупотреба или принуда“.
„Иран не бара војна, но ќе се брани од притисоци, закани и напади“, рече Пезешкијан, додавајќи дека веќе е постигнат договор за „да не развиваме нуклеарно оружје“.
Војната трае веќе седум месеци.
Претходните дипломатски обиди не успеаја да ја завршат војната, која започна на 28 февруари со напади на САД и Израел.
Оттогаш, војната се менуваше помеѓу затишје и обновени напади, убивајќи илјадници, а воедно ослабувајќи ги конвенционалните сили на Иран и оштетувајќи ја неговата веќе кревка економија. Иран и неговите сојузници одговорија со ширење на конфликтот низ целиот регион. Иран ги нападна американските сојузници во Заливот со беспилотни летала и ракети, додека неговите сојузници Хути во Јемен ги нападнаа саудиските интереси.

