Веќе 12 часа трае потрагата по лавица, која била забележана во населбата Ускумрукој во истанбулската општина Саријер; сепак, животното не било детектирано од термалните камери во текот на ноќта.
Надлежните се обидуваат да го фатат животното живо, користејќи пушка со средства за смирување, но лавицата сè уште не е погодена, пренесува „Хаберлер“ (Haberler).
Во операцијата се вклучени жандармеријата, полицијата, општинските служби и Дирекцијата за заштита на природата и национални паркови, со поддршка од ветеринарни експерти.
Лавицата првпат била забележана во неделата навечер, по што надлежните започнале потрага и вовеле безбедносни мерки во тој реон.
Еден очевидец изјавил дека животното ненадејно истрчало пред неговиот автомобил додека тој возел низ областа барајќи го.
Градоначалникот на Саријер, Октај Аксу, изјави за „Си-Ен-Ен Турк“ (CNN Türk) дека иако лавицата повремено се појавувала на снимките од термалните камери, тимовите сè уште не успеале директно да ја лоцираат.
Тој напомена дека се претпоставува оти станува збор за питома лавица, додавајќи дека таа била видена во близина на шумски предел до станбен комплекс; таа дури поминала покрај неколку кокошки, без да ги нападне.
Аксу ги повика жителите да останат во своите домови за да избегнат потенцијална опасност и да овозможат непречено одвивање на операцијата. Градската управа на Истанбул претходно соопшти дека во неделата, околу 18:00 часот, во населбата Ускумрукој била снимена лавица и дека е во тек потрага, координирана од Дирекцијата за заштита на природата и национални паркови.
Целта на надлежните служби е да ја фатат лавицата жива, без притоа да им нанесат штета на луѓето или на самото животно.
Истанбул: Во тек е потрага по избегана лавица; жителите се повикани да останат во своите домови

