Опозициски политичарки во Италија облекоа мини-здолништа со цел да го изразат својот протест против изјавите на италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Антонио Тајани дека „добрите мајки и жените кои остануваат верни во бракот, носат малку подолги здолништа“.
Тајани ваквата изјава, за која во меѓувреме се извини, ја даде во обраќање на еден политички собир.
„Навистина може да биде убаво да се ожениш со гламурозна жена, но тие честопати веќе имале низа момчиња, ги оставиле тие момчиња, побегнале и имаат склоност кон неверство“, изјави во говорот Тајани.
Затоа, тој ги посоветува младите мажи да изберат жена што е „помалку впечатлива“, бидејќи таквите жени, според Тајани, обично се „подобра мајки и остануваат верни во бракот“… и „можеби носат здолниште што е малку подолго од оние на другите“.
Револт на опозиционерките: Сега е 2026 година
Тие изјави наидоа на револт кај политичарките од редовите на опозициските партии. Неколку пратенички и сенаторки јавно ги осудија коментарите на министерот, а за да привлечат дополнително внимание на прашањето неколку од нив објавија и фотографии на кои носат мини-здолништа.
Меѓу нив беше и пратеничката и поранешна градоначалничка на Торино, Кјара Апендино од левичарското Движење Пет ѕвезди (М5С), која на социјалните мрежи објави своја фотогрфија на која може да се види како носи кратко здолниште.
„Тајани, зарем не сум верна жена? Дали сега сум лоша мајка? Сега е 2026 година: не можеме да дозволиме нашата Влада да кажува дека е подобро да се жените со жени кои носат долги здолништа и кои се помалку впечатливи“, напиша Апендино покрај фотографијата.
Членката на Градскиот совет на Тревиљо, Матилде Тура од левоцентристичката Демократска партија (ПД), исто така, објави своја фотографија во кусо здолниште.
„Кога би имала ќерка, би ѝ рекла дека најдобро е да не им одговара на мажите кои ја осудуваат врз основа на должината на нејзиното здолниште“, напиша Тура во објавата на социјалните мрежи.

Во меѓувреме, 11 сенаторки облечени во здолништа до над колената, се собраа во „Палацо Мадама“ во Торино, каде заседавал првиот Сенат на Кралството Италија.
„Тоа е знак на слобода. Слобода да се облекуваме како што сакаме“, порача сенаторката Рафаела Паита од либералната партијата Италија е жива (ИВ).
Дури и Католичката црква реагираше на изјавите на италијанскиот министер.
„Секој збор и секој поглед упатен кон жената мора да бидат исполнети со почит и восхит“, изјави поглаварот на Италијанската бискупска конференција, болоњскиот надбискуп, кардиналот Матео Зупи.
Тајани: Немав намера да ги навредам жените
Тајани во меѓувреме се извини за свооите коментари, изјавувајќи дека „никогаш немал намера да ги навреди жените“.

„Никогаш не сум го направил тоа. Ниту во приватниот, ниту во јавниот живот“, рече Тајани, кој е лидер на конзервативната популистичка партија Форца Италија (ФИ).
Ова не е првпат Тајани да се најде на удар на критики, поради своите изјави. Претходно, тој се соочи со критики откако искажа пофалби зборови за италијанскиот фашистички диктатор Бенито Мусолини. Тајани тогаш рече дека Мусолини „направил и некои позитивни работи пред Војната, како што се изградбата на патишта, мостови и згради“.
Инаку, коалицискиот партнер на Форца Италија, партијата Браќата на Италија (ФДИ) на премиерката Џорџа Мелони води корени од поранешното Италијанско социјално движење (МСИ), формирано во 1946 година од членови на забранетата Фашистичка партија на Мусолини.

