Италијанската Влада денеска усвои уредба со која се ограничува бројот на деца чии мајчин јазик не е италинаскиот во едно одделение во основните уличишта во Италија.
Ваквата мерка, која италијанската премиерка Џорџа Мелони ја најави минатиот викенд на собир на подмладокот на нејзината десничарска партија Браќата на Италија (ФДИ), стапува во сила веднаш.
Целта на новата уредба, е намалување на бројот на деца со „ограничено познавање на италијанскиот јазик“ во паралелките во основните училишта. Според Мелони, ова треба да ги подобри јазичните вештини на тие деца и да ја забрза нивната интеграција. Мелони смета и дека е „неприфатливо“ италијанските деца да бидат во малцинство во едно одделение.
„Ако во паралелката има само едно дете што не го разбира италијанскиот јазик, тоа дете веројатно ќе го научи јазикот заедно со соучениците и наставниците и ќе може брзо да се интегрира. Не смее да се случи италијанските деца во италијанско училиште да се чувствуваат потиснати бидејќи се во малцинство. Тоа е неприфатливо“, рече Мелони.
Уредбата стапува во сила веднаш, но таа сепак во рок од два месеци мора биде поднесена на одобрување и до Парламентот, каде коалицијата на Мелони има мнозинство.
Според планот, во една паралелка во основните училишта не смее да има повеќе од 30 проценти ученици со „ограничено познавање на италијанскиот јазик“. Критериум ќе биде познавањето на јазикот, а не националноста на децата. Следствено, од одредена паралелка би можеле да бидат исклучени и деца на граѓани на ЕУ, кои „не го зборуваат доволно добро италијанскиот јазик“.
Мелони, исто така, сака да воведе обврска за родителите на учениците со проблеми во интеграцијата да го научат италијанскиот јазик. Доколку не го сторат тоа, може да се соочат со парична казна до 1.000 евра.

Покрај тоа, Мелони забрани и носење превези што го покриваат лицето, како никаб и бурка, во училиштата.
Како новата одредба ќе функционира во пракса?
Ограничувањето на бројот на деца чии мајчин јазик не е италијанскиот во една паралелка, Мелони го нарекува „потег поттикнат од здравиот разум“.
„Тоа не е мерка што сее поделби, туку мерка што ја поттикнува вистинската интеграција, спречува создавање одделенија што личат на „гета“ и им нуди еднакви можности на сите ученици“, смета Мелони.
Засега сè уште не е познато кои точно деца би биле опфатени со оваа мерка, а нејзините критичари прашуваат и како таа би се спроведувала во пракса.
Струковата организација на директорите на училишта смета дека мерката има смисла од дидактичка гледна точка, но се сомнева во начинот на нејзиното спроведување во пракса. Во некои населби каде што живеат многу луѓе со странско потекло, малите деца не би можеле да посетуваат училиште во близина.
Опозиција, пак, тврди дека на овој начин Мелони им го ускратува правото на образование на децата со странско потекло.
Изборите веќе се чувствуваат во воздухот
Според експертите, новата мерка се вклопува и во изборната атмосфера што веќе се чувствува во Италија. Италијанците треба да излезат на гласање за нов Парламент следната година, најверојатно напролет.

Мелони веќе влезе во изборна кампања, а аналитичарите посочуваат дека кога таа држи говори пред своите поддржувачи е поинаква од онаа, кога е во улогата на премиерка.
Дополнително, со новата уредба Мелони ја задржува темата за миграцијата високо на политичката агенда.
Во пресрет на новите избори, Мелони чувствува притисок првенствено од десницата. Тука превенствено станува збор за партијата на пензионираниот генерал Роберто Ваначи, кои има уште порадикални ставови за миграцијата од неа и чии рејтинг постојано расте.
На европската сцена таа се претставува како умерено-конзервативна политичарка, но во Италија застапува порадикални ставови, а според аналитичарите, како што ќе се приближуваат изборите, така Мелони повеќе ќе ги истакнува токму нив.

