Изборите за Државната дума што се одржаа во Русија од 18 до 20 септември ја потенцираа континуираната и сè подлабока ерозија на демократијата во земјата, која се соочува сè поавторитарен политички амбиент, порача денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
„Отсуството на еднакви услови за натпревар дополнително се влоши поради незаконската воена агресија на Русија против Украина и тековната незаконска окупација на украинските територии, посочи Калас во посмената реакција на изборите во Русија.
Калас посочува дека руските власти продолжиле да ја засилуваат систематската и институционализирана внатрешна и транснационална репресија, со цел да ги исклучат сите демократски опозициски сили од „можноста да го оспорат статусот кво“ во земјата.
„Одлуката да се исклучат кандидатите од партијата Јаблоко од учество на федералната листа дополнително го ограничи изборот за руските гласачи, отстранувајќи од изборниот процес една од последните преостанати опозициски сили и единствената партија со антивоена платформа. Во периодот пред изборите, независните аналитичари и набљудувачи веќе известуваа за широка злоупотреба на административните и судските ресурси за да се елиминираат сите оние што се противат на незаконската агресивна војна на Русија, да се лишат руските гласачи од вистински избор за иднината на нивната земја и сериозно да се ограничи пристапот на Русите до независни информации“, се наведува во соопштението.
Калас додава дека Европската Унија и нејзините земји членки ќе продолжат да ја поддржуваат значајната работа на руските организации на граѓанското општество, заштитиниците на човековите права и независните медиуми.

„Европската Унија изразува жалење поради одлуката на Руската Федерација да не покани набљудувачи од ОБСЕ на овие избори. Тоа дополнително го демонстрира образецот на непочитување од страна на Руската Федерација на обврзувачките заложби преземени од сите држави учеснички во ОБСЕ и им го ускрати на руските гласачи и институции правото на непристрасна и независна оценка за овие избори“, потенцира високата претставничка на ЕУ.
Во реакцијата натаму се нагласува и дека Европската Унија недвосмислено ја осудува „незаконската организација на т.н. „избори“ од страна на Руската Федерација на привремено окупираните територии на Украина, односно Автономната Република Крим и градот Севастопол, како и во делови од регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон“.
„Овие т.н. „избори“ претставуваат уште едно флагрантно кршење на меѓународното право од страна на Русија, вклучително и на Повелбата на ОН, како и на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Европската Унија ја повикува Русија да ги почитува меѓународно признатите граници и суверенитетот на Украина“, вели Калас.
Таа повторува дека Европската Унија не ги признава, ниту некогаш ќе ги признае, одржувањето на овие т.н. „избори“ на привремено окупираните територии на Украина, како ни нивните резултати, лицата вклучени во организирањето на овие лажни избори или кои се кандидирале на привремено окупираните територии на Украина, како и оние одговорни за поткопување на можноста за слободни и фер избори во самата Русија, ќе бидат санкционирани.
„Европската Унија ја повторува својата непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признаени граници. Русија мора да ја прекине својата незаконска агресивна војна против Украина, да се согласи на целосен, итен и безусловен прекин на огнот и веднаш, целосно и безусловно да ги повлече своите воени сили и опрема од целата територија на Украина“, се заклучува во реакцијата на Калас.

