Кај три угинати гаврани е потврден вирусот западнонилска треска. Агенцијата за храна и ветеринарство попладнево соопшти дека два гаврани се пронајдени на подрачјето на Скопје и еден на подрачјето на Ресен.
Во периодот од 24 до 27 август 2026 година, до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) пристигнале повеќе од 130 пријави од граѓани за пронајдени угинати птици. Дел од пријавите се однесувале на свежо угинати птици, но најголем дел биле за птици кои се во напредна фаза на распаѓање и не се погодни за лабораториско испитување за присуство на вирусот на Западнонилска треска.
Од АХВ апелираат до граѓаните да посветат внимание доколку во исто подрачје и во краток временски период има поголем број угинати гарвани или диви преселни птици.
Имајќи предвид дека со досегашното следење на Западнонилската треска е потврдена циркулација на вирусот кај птиците на територијата на град Скопје, нема потреба од понатамошно лабораториско испитување на поединечни случаи на угинати птици на ова подрачје. Граѓаните треба да обрнат особено внимание доколку на исто подрачје, во краток временски период, забележат поголем број угинати гаврани или други диви преселни птици. Во таков случај потребно е да ја известат Агенцијата за храна и ветеринарство, велат од АХВ.
За поединечни случаи на угинати птици на територијата на град Скопје, граѓаните треба да се обратат до надлежните комунални служби, односно до ЈП „Комунална хигиена“, за нивно собирање и соодветно отстранување.

