Потврдени се вкупно 44 случаи на западнонилска треска досега, од кои 43 се хоспитализирани, а повеќето од нив со невроинвазивна форма на болеста – изјави денеска министерот за здравство Сашо Клековски, кој ги посети Клиниката за инфективни болести и Институтот за јавно здравје, каде што се сретна со медицинскиот персонал вклучен во справувањето со епидемијата на западнонилската треска.
Тој упати апел до граѓаните – доколку забележат симптоми, како висока температура, вкочанет врат, дезориентација, слабост или грчеви – веднаш да се јават кај својот матичен лекар. Инаку, од почетокот на епидемијата досега 21 пациент се отпуштени од болница и упатени на домашно лекување, уште четворица пациенти денес се отпуштаат, а вкупно пет лица се починати – информира Министерството за здравство.
– Системот е подготвен и здравствените работници ја имаат нашата целосна поддршка во справувањето со западнонилската треска како јавноздравствен предизвик, порача министерот Клековски.

