Проблемот со недостигот на паркинг места кај Клиничкиот центар во Скопје ќе се решава со две големи монтажни паркиралишта со капацитет над 520 возила.
Градоначалникот на Скопје откри дека веќе е распишана тендерската постапка.
Сакам прво да ја поздравам идејата на Владата за нов Клинички центар, но дотогаш хаосот кај Клинички центар го решаваме и распишана е тендерска постапка за изведба на две големи монтажни паркиралишта коишто ќе задоволуваат потреби над 520 паркинг места, ако оди се како што треба веднаш по завршување на тендерската постапка ќе почнеме со градба, изјави вечерва градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за телевизија „Сител“.
Тече и рокот за испорака на новите автобуси, а Градот, тврди градоначалникот, паралелно ги презема сите активности за подготовка на инфраструктурата, со цел автобусите штом стигнат да можат да бидат ставени во функција.
Во моментов се работи на подготовка на трасите и инфраструктурата за полначите, а активности се спроведуваат и во Автокоманда, каде што е потребно обезбедување на високо напојување и поголем капацитет, вели Ѓорѓиевски.
Треба да бидат набавени 150 автобуси за целата држава, од кои 100 се наменети за Град Скопје.

