Во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје денеска од 9:30 до 10:15 часот ќе се одржи новинарски брифинг на Центарот за еднаквост и правда, по повод презентацијата на анализата „Одредување на издршка соодветна на потребите на децата“.
Анализата е изработена во рамките на проектот „Со застапување – до подобра грижа за жените“, поддржан од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Kvinna till Kvinna и државата Шведска.
Преку анализа на искуствата на родителите, ставовите на судии и адвокати и релевантната судска практика, истражувањето ги идентификува клучните системски недостатоци во начинот на определување на издршката за децата по развод или разделба на родителите, како и последиците врз нивната економска положба и остварувањето на правото на соодветен животен стандард.
На брифингот ќе се обратат Неда Чаловска Димовска и Игор Јадровски, коавтори на анализата, кои ќе ги претстават најзначајните наоди и препораки и ќе одговараат на прашања од претставниците на медиумите.
Меѓу прашањата што ќе бидат отворени се дали родителот што заработува двојно или тројно повеќе плаќа и повисока издршка, што се случува кога издршката не се плаќа, кој ги проверува износите договорени при спогодбен развод и зошто истиот случај може да заврши со различен износ во различен суд. Ќе се разговара и за тоа кои чекори можат да се преземат веднаш, без измени на законите, и кој треба да ги преземе.

