Собранието на Косово денеска во прво читање го усвои Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за специјализираните совети на Косово и Канцеларијата на специјализираниот обвинител во Хаг, со што се стеснува мандатот на Судот.
Предлог-законот е узвоен со 91 гласа „за“ од вкупно 120 пратеници во Собранието. На седницата не присуствуваа пратениците на Српската листа.
Пред усвојувањето на измените, беше усвоен и предлог за отстапување од роковите предвидени во собранискиот деловник, со што се отвори можност првото и второто читање на законот да се усвојат во ист ден.
Со ова се очекува во текот на денот Законот да биде усвоен и во второ читање.
Измените на Законот, поднесени од Демократската партија на Косово (ДПК), следат откако на 16 септември Судот во Хаг осуди четворица поранешни лидери на ОВК на вкупно 81 година затвор за разни злосторства.
Додека траеше седницата, поддржувачи на ОВК организираа протест пред зградата на Собранието, барајќи Предлог-законот да биде усвоен. Тие го блокираа влезот во зградата и фрлаа пиротехнички средства.
Протестот го организираа здружението на поранешни припадници на ОВК, кое од изрекувањето пресудата против поранешните лидери на ОВК секоја вечер одржува протест пред Собранието под називот „Не во мое име“.
Организаторите на денешниот протестот изјавија дека ниту еден пратеник нема да може да ја напушти зградата на Парламентот сè додека не бидат усвоени измените на Законот за специјализираните совети во Хаг.
Измените на Законот предвидуваат ограничување на надлежноста на специјализираните совети, намалување на максималната казна што може да ја изречат, промена на местото каде што осудените лица ќе ги издржуваат своите казни, а воедно се воведува и можност за помилување на осудениците.
Според измените, Специјализираниот совет ќе суди само случаи што се однесуваат на специфични наводи во извештајот на Дик Марти за илегалното отстранување и трговија со човечки органи. Сите случаите на воени злосторства, злосторства против човештвото или политичко насилство што не се поврзани со наводите за трговија со органи нема да бидат опфатени со мандатот на Специјализираните совети, туку ќе бидат префрлени на судовите и обвинителството во Косово.
Усвојувањето на измените на Законот за специјализираните совети, ПДК го постави како услов за нејзина поддршка на изборот на нов претседател на Косово. Доколку претседателот не биде избран до утре, косовското Собрание ќе биде распуштено и ќе бидат распишани предвремени избори.

