Ниту една земја не може сама да изгради траен мир, да спречи пандемии, да ја стабилизира климата, да ги обезбеди синџирите на снабдување, да ја регулира вештачката интелигенција, да одржи финансиска стабилност или да обезбеди одржлив развој, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, нагласувајќи ја важноста на мултилатерализмот во справувањето со глобалните предизвици.
„Мултилатерализмот не е идеал од минатото, туку единствениот реален начин за одговор на денешните проблеми“, рече Кошта на Генералното собрание на Обединетите нации, додавајќи дека ниту една земја, „без оглед колку е моќна, не може сама да изгради траен мир“.
Тој повика на зајакнување на мултилатерализмот што ги штити човековите права, ја јакне демократијата и ја унапредува родовата еднаквост.
Коста изјави дека неколку глобални компании не можат сами да ја регулираат вештачката интелигенција и нагласи дека Обединетите нации мора да придонесат кон воспоставување глобални стандарди преку Глобалниот дигитален пакт.
И покрај геополитичката поларизација, финансиските ограничувања и институционалните слабости, „одговорот не е повлекување“, рече Кошта, повикувајќи ги земјите да „реформираат, обновуваат и повторно да инвестираат“.
Тој ги осуди заканите и нападите врз Меѓународниот кривичен суд и неговиот персонал, нагласувајќи дека одговорноста не смее да зависи од политички интереси.
„Меѓународното право важи насекаде“, изјави Кошта. Тој предупреди дека конфликтите никогаш не остануваат локализирани, укажувајќи на нивните последици врз безбедноста на храната, енергетските пазари, миграцијата, развојот и глобалната стабилност.
Војната во Украина ги покажува таквите последици, рече Коста, повикувајќи ја меѓународната заедница да ги искористи сите расположливи средства за да стави крај на војната.
Истото важи и за Газа и страдањето на милиони цивили, додаде тој.
Кошта ги поддржа напорите за изнаоѓање решение за ситуацијата во врска со Иран, нагласувајќи дека мора да се почитува прекинот на огнот и да се зачува слободата на пловидба низ Ормускиот теснец.
„Иран никогаш не смее да се здобие со нуклеарно оружје“, нагласи Кошта, изразувајќи надеж дека неговите граѓани ќе можат да живеат во мир и безбедност „како слободни мажи и жени“.
Кошта: Ниту една земја не може сама да изгради траен мир

