Амбицијата за пристапувањето кон Европската Унија мора да помогне во надминувањето на историските недоразбирања, отфрлање на националистичката реторика и охрабрување на земјите да се движат кон вистинска соработка, порача вечерва претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во обраќањето на крајот Форумот за проширување на ЕУ, насловен „Поширока Европа – Посилна Европа“, што денеска се одржа во Брисел.
„Надминувањето на наследството од минатото е клучен предуслов за интеграција во Европската Унија. Пристапувањето во ЕУ не е само прашање на хармонизирање на законодавството и институциите. Тоа подразбита и градење доверба, решавање на споровите по дипломатски пат и во дух на добра волја, како и создавање иднина каде што соработката ги заменува недовербата и поделбите“, рече Кошта.
Тој истакна дека во денешниот несигурен свет, целата на проширувањето на ЕУ е да ја зајакне Европа како геополитички актер, отпорна економска сила и субјект на мирот.
„Кредибилна политика за проширување ја прави Европа побезбедна. Нè прави поконкурентни. Нè прави поотпорни. Им дава надеж на луѓето и нови деловни можности на бизнисите“, рече Кошта.

Според него, здружувањето на земјите од Унијата, партнерите и сите оние што се посветени на проширувањето е од суштинско значење за одржување на моментумот и претворање на нашата заедничка амбиција во конкретен напредок.
„Европската Унија е изградена врз темелите на помирувањето и мирот, а проширувањето одигра клучна улога во унапредувањето на овие цели. Проширувањето претставува најдобра геополитичка инвестиција што Европа ја направила за мир, безбедност, демократија, стабилност и просперитет, помагајќи да се надминат историските поделби и да се обликува нашата заедничка иднина, рече Кошта.
Сепак, според него, проширувањето не е само прашање на зајакнување на Европската Унија, туку и исполнување на аспирациите на милиони Европејци кои избраа демократија, слобода и соработка.
„Овие напори, како и тешките реформи што ги спроведуваат овие земји, заслужуваат наша солидарност и политичка посветеност. Процесот на пристапување мора да остане фер, конзистентен и заснован на заслуги, бидејќи Европската Унија се подготвува да ги пречека новите членови со амбиција и одговорност“, додаде претседатлот на Европскиот совет.

Кошта додаде дека придобивките од проширувањето не треба да започнат на денот на пристапувањето во ЕУ, туку уште и за време на процесот на пристапување, земјите кандидати веќе се доближуваат до Унија преку постепена интеграција, што носи опипливи придобивки за сите.
Според него, пакетот за проширување за 2026 година, презентиран од Европската комисија, јасно покажува дека навистина постои позитивен моментум во процесот на проширување.
„Силно го поддржуваме овој напредок и ги повикуваме сите страни да го одржат. Губењето на овој моментум би ги поткопало очекувањата на граѓаните и би ја загрозило нашата заедничка иднина. Кредибилитетот на овој процес и ветувањето што го носи за граѓаните мора да останат наши водечки принципи. Цврсто верувам дека иднината на Украина, Молдавија и сите земји од Западен Балкан лежи во рамките на Европската Унија“, рече Кошта, додавајќи дека треба да работиме заедно за да го претвориме ова верување во реалност.
Форумот за проширување на ЕУ ги собра највисоките функционери на Унијата и земјите членки и кандидати за членство, како и претставници на меѓународни организации, финансиски институции и граѓанското општество, вклучително и премиерот Христијан Мицкоски.

