Македонската поетеса и писателка Кристина Краличин е застапена во WikiPoesia – италијанска енциклопедија посветена на поезијата, нејзините автори, награди и институции.
WikiPoesia е независен италијански енциклопедиски проект посветен исклучиво на поезијата. Создаден е со цел да го документира и систематизира современото поетско творештво, но и да создаде поширок простор во кој се поврзуваат поети, наградени дела, книжевни конкурси, академии и други институции од областа на поезијата.
Издавач на WikiPoesia е Repubblica dei Poeti (Република на поетите) – непрофитна организација основана од WikiPoesia. Според податоците што ги објавува платформата, WikiPoesia бележи 40.991 преглед годишно и се претставува како „најпосетуваната поетска енциклопедија во Италија“.
Кристина Краличин е прв и засега единствен македонски автор претставен во енциклопедијата WikiPoesiа.
Краличин е континуирано присутна на италијанската книжевна сцена, каде што во изминатите години е застапена преку поетски изданија, антологии, книжевни признанија и меѓународни соработки.

