Пратеничката група на Левица најавува повеќе измени на Изборниот законик со кои ќе бара отстранување на нерамноправностите во изборниот процес, а првата иницијатива ќе биде за укинување на платеното политичко рекламирање.
Ова следува по одлуката на Уставниот суд да ја отфрли иницијативата на Левица и да не расправа за одредбите од Изборниот законик со кои Левица е исклучена од платеното политичко рекламирање.
За жал, поминува во сенка на скандалозната, недемократска и крајно исполитизирана одлука на Уставниот суд да ја отфрли иницијативата на Левица и да не расправа за проблематичните делови од Изборниот законик, коишто ја исклучуваат Левица како единствена партија од политичко рекламирање, изјави денес координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов.
Според Левица, образложението на Уставниот суд не држи бидејќи од 2023 година состојбата е променета.
Ситуацијата е сменета од 2023-та, затоа што сега имаме и парламентарна партија и тоа пратеничка група која е исклучена од политичко рекламирање, посочи Крмов.
Левица истовремено го поддржува повторното отворање на дијалогот за Изборниот законик. Крмов посочи дека ова прашање веќе го отворил на координацијата на координаторите на пратеничките групи во Собранието, а позитивно гледа и на најавата на новиот министер за правда за отворање дијалог во рамки на Министерството.
Доколку не се исправи оваа неправда, Левица најавува радикализација.

