Левица обвинува за партизација во Државната второстепена комисија која треба да функционира како независно тело. Од партијата велат дека до нив стигнале информации од свиркачи за сериозни незаконитости во работењето на Комисијата, силни партиски влијанија и ургенции при одлучувањето по значајни предмети од работните, управните и инспекциските спорови.
Претседател на оваа државна комисија е Илче Мушаревски, долгогодишен партиски активист на ДПМНЕ, кој, според информациите со кои располага Левица, е директно инсталиран од потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски. Мушаревски бил член на Правната комисија на ДПМНЕ, а во минатото работел и во Државниот завод за ревизија, повторно како награда за неговиот партиски ангажман, велат од Левица.
Според Левица, и останатите членови на Комисијата се тесно поврзани со владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Тања Дедејска, е поранешен советник на ДПМНЕ во Советот на Општина Струмица, .
Маја Бичиклиска, сопруга на поранешниот портпарол на ДПМНЕ, Александар Бичиклиски, Ирена Брзанова, која била претседател на ова тело во периодот на владеењето на Никола Груевски и дел и од Правната комисија на ДПМНЕ и адвокатката Симона Лескароска, долгогодишен активист на ВМРО-ДПМНЕ.
Во Комисијата фигурира и Вера Димитриева, која претходно работела директно во Кабинетот на премиерот за време на владеењето на Никола Груевски.
За Левица, составот на ова тело отвора сериозен сомнеж дека наместо независна второстепена институција – граѓаните добиле партиски конгломерат составен од кадри со директни врски со ДПМНЕ и најавува дека во наредните денови ќе објави сериозни наводи за бруталната партизација и незаконското работење во оваа Комисија.

