На денешен ден пред 85 години Првиот партизански одред во Прилеп го напаѓа полицискиот участок и телефонско-телеграфската мрежа, а веќе следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред. Со тоа започна почетокот на народното востание за ослободување на македонскиот народ и борбата против фашизмот.
11 Октомври е државен празник во земјава, а денеска ќе биде одбележан со свечена академија во Куманово и со доделување на истоимената наградата во македонското Собрание.
Под мотото „Идеали што градат иднина“ во Куманово точно напладне ќе почне свечената академија на која е најавено обраќање на премиерот Христијан Мицкоски,а во истовреме во законодавниот дом ќе биде доделена државната награда „11 Октомври“. Годинава, добитник на наградата за животно дело во областа на културата и уметноста е писателот и професор од Филолошкиот факултет д-р Венко Андоновски, а во областа на науката и образованието проф. д-р Димитар Пандев, лингвист; проф. д-р. Ѓулумсер Касапи, универзитетска професорка и проф. д-р Владо Поповски, правник.
11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, Кресненското и во Илинденското востание кои врвот го достигнуваат со одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година.
По распадот на поранешната СФРЈ и референдумот од 8 септември, Македонија поминува низ низа премрежија, а денес е полноправна членка на Обединетите нации и НАТО и кандидат за членство во Европската унија.

