Германскиот канцелар Фридрих Мерц синоќа, на прес-конференција по состанокот на „Коалицијата на подготвените“ во Берлин, изјави дека нема да дозволи големите сили повторно да ја поделат Европа – потсетувајќи на сценариото од Јалта – и ја отфрли можноста преговорите за Украина да се одвиваат без учество на европските држави.
Тој истакна дека лидерите на „Коалицијата на подготвените“ се залагаат за „мир за Украина кој е праведен и траен“, што ќе обезбеди поголема – а не помала – безбедност за Европа и за светот.
„Ќе продолжиме да му даваме поддршка на Киев сè додека е тоа потребно. Доколку дојде до мировни преговори, ние ќе учествуваме во нив. Преговорите можат да бидат успешни само доколку Украина и Европа се заедно дел од тој процес. Формат во стилот на ’Јалта‘ нема да донесе мир“, нагласи Мерц, како што пренесува Гардијан.
Сеќавањето на Јалта – самитот меѓу победничките сили од Втората светска војна, кој го отвори патот за поделба на Европа на два блока – беше поттикнато од трилатералниот самит во Шенжен, Кина, каде што американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот лидер Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг во четвртокот разговараа за меѓународни прашања, забележува Дер Шпигел.
„Средбата во Шенжен беше, пред сè, очигледно само можност за фотографирање“, забележа Мерц во врска со трилатералниот самит. За разлика од тоа, според Мерц, 40 земји ја покажаа својата континуирана поддршка за Украина на состанокот во Берлин.
„Ќе го поддржуваме Киев онолку долго колку што е потребно“, нагласи Мерц.
Тој додаде дека на секој од гостите им подарил парче од Берлинскиот ѕид – како пример за тоа „што значел договорот од Јалта за Берлин“.
„Можеби се сеќавате дека во 1987 година, претседателот Реган, стоејќи овде во Берлин, рече: ’Г-дин Горбачов, урнете го овој ѕид!‘“ „Денес му велиме на претседателот Путин: ’Ставете крај на војната во Украина и дозволете ни заеднички да работиме на изнаоѓање дипломатски решенија‘. Никогаш повеќе не сакаме да живееме во поделена Европа. Сакаме да живееме заедно во слобода и мир“, изјави Мерц.
Германскиот канцелар потврди дека постои план за потенцијални мултилатерални разговори во кои би учествувале Украина, Русија, Европа и САД, додавајќи дека наоѓањето соодветно место за таква средба не би требало да биде премногу тешко.
Тој истакна дека мировната декларација, за која во Кина се договорија претседателите на САД, Русија и Кина – Доналд Трамп, Владимир Путин и Си Џинпинг – „не води кон реорганизација на светот“.
„Денес, ако постои еден клучен фактор за реорганизацијата на Европа – особено во однос на нејзината безбедност – тоа е токму средбата што се одржа денес во Берлин“, рече тој. Сојузниците на Украина (26 шефови на држави и влади), во формат на „Коалиција на подготвените“, се состанаа вчера во Берлин; на дневен ред беа прашања поврзани со воздушната одбрана, енергетиката и финансиската поддршка.
Средбата на „Коалицијата на подготвените“ се одржа откако Трамп, за време на трилатералната средба во Кина вчера, го нарече рускиот претседател Владимир Путин – пријател.
Мерц: Ѝ даваме поддршка на Украина; нема да дозволиме големите сили да ја поделат Европа

