Околу 120 млади од 15 држави од Југоисточна Европа се учесници на 24. Меѓународна младинска конференција под мотото „Европа почнува овде и сега – Младите, европските вредности и проширувањето како наша заедничка иднина“ што до утре се одржува во Крушево.
Методија Стојчески, извршен директор на Младински сојуз од Крушево, организатор веќе 24 години на меѓународната младинска конференција смета дека на младите мора да им се даде мотивот да се вратат воземјата и да бидат дел од напредните економски процеси.
-Да се отвори тој пазар на работна сила, да може луѓето слободно да циркулираат и не само нашите да заминуваат, туку и да доаѓаат, да вложуваат знаења и финансии во својата земја, но и да отвориме можности како младите луѓе да учествуваат во донесувањето на одлуки во својата земја и на тој начин да ги артикулираат нивните потреби за градење ставови за просперитетни општества – вели Стојчески
Речиси сите млади констатираат дека корупцијата, невклученоста на младите во решавањето на проблемите на општествената заедница доведуваат до иселувања и миграции. Тоа се главните проблеми со кои се соочуваат младите од Југоисточна Европа. Посебен е притисокот на младите од шесте земји од Западен Балкан кои го чекаат влезот во Европската Унија.
Конференцијата се реализира во рамките на проектот „Western Balkans Youth Lab“ (WBYL), кој го спроведува Советот за регионална соработка (RCC), а е финансиран од Европската Унија.

